Елисејска палата: Данска ќе купи неколку стотици ракети Мистрал 3 од Франција
Франција ќе и испорача на Данска неколку стотици ракети земја-воздух Мистрал 3 според договорот постигнат вчера за време на државната посета на кралот Фредерик Десетти на Париз, објави Елисејската палата.
Данска, која неодамна одвои дополнителен буџет од речиси 7 милијарди евра за својата одбрана, најави и купување 130 фински оклопни транспортери „Патрија“ за 254 милиони евра, од кои мал дел треба да бидат испорачани годинава, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.
Рамковниот договор потпишан во Париз меѓу европскиот производител на ракети МБДА и директоратите за вооружување опфаќа „испорака од 250 до 1.000 ракети Мистрал 3“, соопшти Елисејската палата, без да наведе детали за вредноста на договорот.
„Мистрал 3“ е одбранбена ракета земја-воздух со многу краток дострел што се користи против сите типови цели, вклучувајќи борбени авиони, транспортни авиони, хеликоптери, беспилотни летала и крстосувачки ракети.
Во јуни 2024 година осум европски земји (Франција, Белгија, Кипар, Унгарија, Романија, Шпанија, Словенија и Данска) потпишаа договор за заедничка набавка на оваа ракета.
Данска, еден од главните поддржувачи на Украина, призна дека има посебна потреба од системи за противвоздушна одбрана.
„Се надевам дека во следните месеци ќе биде можно да се направат други најави за купување (на воена опрема) во Франција“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен по средбата со неговиот колега Себастијан Лекорну.