Стрмлјан: За Охрид слушнав многу убави зборови, едвај чекам сè да започне!

Суперлигашот Охрид уште еднаш ги потврди високите амбиции за следната сезона. Летово покрај Охридското езеро ќе пристигне и Тилен Стрмлјан, словенечки бек кој моментално настапува за бундеслигашот Хановер.

Охрид и повремениот словенечки репрезентативец потпишаа договор од две сезони, а 29-годишниот Стрмлјан не го криеше задоволството што ќе им се приклучи на „гладијаторите“. 

„За Охрид се одлучив затоа што слушнав многу добри зборови и за клубот и за навивачите овде и едвај чекам сè да почне. Знам дека лигата е многу квалитетна и пред нас ќе има голем број тешки натпревари. Ќе направиме сè за да добиеме што повеќе бодови и на крај ќе видиме до каде ќе стигнеме.. Како што веќе реков, слушнав многу добри зборови за Охрид, за навивачите овде, сакам само да не поддржат во што поголем број и се гледаме следната година“, рече словенечкиот бек по потписот со Охрид.

Стрмлјан освен добрите настапи во ЕХФ Европската лига со екипата на Хановер, имаше и одлични настапи во Лигата на шампионите со екипата на Цеље. Пред тоа настапуваше и за екипата на Рико Рибница од Словенија. Има преку триесет настапи за репрезентацијата на Словенија во младинските и сениорските натпреварувања.