Турските и израелските лидери се борат за иднината на Сирија. Аналитичарите велат дека Израел е се позагрижен поради новиот режим во Сирија и зголеменото влијание на Турција врз нивното раководство.
„Израелскиот став не е многу оптимистички за иднината на Сирија во смисла дека таа ќе стане потенцијална закана за Израел и дека во оваа потенцијална закана, фактот дека Турција ќе биде доминантна е исто така опасен за Израел“, вели Галиа Линденстраус од Националниот институт за безбедносни студии.
Силната поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за терористичка група Хамас, како што е именувана од САД, ги затегна односите со Израел. Сега Сирија се заканува да стане нов извор на тензии. Во говорот овој месец, Ердоган даде широко толкувано, тенко прикриено предупредување до Израел да престане да го поткопува новото раководство на Дамаск.
„Оние кои се надеваат дека ќе имаат корист од нестабилноста на Сирија со провоцирање на етнички и верски врски во земјата, треба да знаат дека нема да ги постигнат своите цели“, истакна Ердоган.
Говорот на Ердоган уследи по понудата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги поддржи сириските друзи и курдските малцинства. Аналитичарите велат дека Анкара и Ерусалим имаат спротивставени визии за иднината на Сирија.
„Турција сака да види сигурна и стабилизирана унитарна држава под преодната влада на Ал Шара. Израел, од друга страна, сака да види слаба и фрагментирана Сирија. Главна грижа на Израел отсекогаш била обезбедувањето на нејзината северна граница“, смета Селин Наси од Лондонската школа за економија.
Израелските сили ја окупираат сириската територија долж нејзината северна граница, која е дом на многу од сириското малцинство Друзи. Но, во понеделникот, силите на СДФ предводени од Курдите потпишаа договор за интегрирање на нивната администрација и војска со сириската преодна влада. СДФ контролира голем дел од Сирија. Со засилување на контролата ос страна на Дамаск, аналитичарите велат дека Израел ќе биде загрижен поради проширувањето на постојното воено присуство на Турција во Сирија.
„Особено ако Турција сака да има воени пунктови на југот на земјата, претпоставувам со дозвола на владата во Дамаск, тогаш двете страни би биле многу блиску со воените сили и тоа, мислам, е прилично опасна и создава нестабилна, запалива ситуација“, посочува Соли Озел од Институтот за хуманитарни студии.
Аналитичарите предупредуваат дека таквото воено присуство, доколку се прошири на воздушните бази, може да го загрози сегашниот неприкосновен пристап на Израел до сирискиот воздушен простор.
Со оглед на тоа што Ердоган и Нетанјаху не го кријат нетрпението и недовербата меѓу нив, ривалството според аналитичарите се заканува да се прошири и во Сирија, што дополнително ќе ја комплицира транзицијата на земјата од режимот на Асад.
Facebook Forum