Претседателката, како долгогодишна професорка, на денешната средба изразила разбирање за нивните ставови и заложби, ставајќи акцент на важната улога на филозофијата, логиката и етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на средба со професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет-Скопје изразила уверување дека нивните забелешки на нацрт-концептот за реформи на гимназиското образование ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија.

На средбата во претседателската резиденција денеска, професорите, како што соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, го изразиле своето категорично противање на бришењето на предметот филозофија од корпусот задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите логика и етика како изборни предмети од наставниот план.
„За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки што е противречно на прокламираните цели на концепцијата – развивање на критичко размислување, истражувачките способности и вештини за решавање проблеми, поттикнување на самодоверба, свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки, градење национален, етички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство и подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот“,
се вели во соопштението на средбата од претседателскиот кабинет.
Ваквата промена, како што се наведува, за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици.
Претседателката, од своја страна, како долгогодишна професорка, изразила разбирање за нивните ставови и заложби.
Сиљановска-Давкова ставила акцент на важната улога на филозофијата, логиката и етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе.
„Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија“,
се наведува во соопштението.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека, иако може да звучи контрадикторно, но е многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии, разговори и предлози.
Таа ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали следниот предвиден чекор за концепцијата за гимназиско образование ќе се пролонгира, со оглед на тоа што за нејзината содржина има забелешки и несогласувања, особено од институти и катедри од Филозофскиот факултет.
„Секако дека може да се продолжи, секако дека ние многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Веќе еднаш кажав дека ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени. Ќе продолжиме, малку ќе се придвижиме и на терен и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на концепцијата“,
изјави министерката.
Јаневска изрази задоволство што младите даваат силна поддршка за концепцијата за гимназиско образование, за разлика од дел од стручната јавност.
Инаку, нималку суптилни се критиките на професорите од Катедрата по филозофија при Филозофскиот факултет за новата концепција за средно образование, во која предметите филозофија, логика и етика се деградираат во однос на сегашнот статус. Некои од забелешките кои ги дадоа пред камерата на „360 степени“ се директно за министерката Весна Јанева, која пред само неколу дена изјави дека имала конструктивна средба на Филозофскиот факултет.