Британскиот крал Чарлс во денешниот историски говор пред италијанскиот парламент ја истакна важноста на силните врски меѓу Италија и Велика Британија за време на војната во Европа. Чарлс, кој е во државна посета на Италија со кралицата Камила, стана првиот британски монарх кој се обратил на заедничката седница на двата дома на парламентот во Рим, говорејќи и на англиски и на италијански, на што пратениците аплаудирале.
„Никогаш не смееме да го земаме мирот здраво за готово“, рече тој. „Британија и Италија денеска стојат обединети во одбрана на демократските вредности што ги споделуваме. Двете наши земји застанаа покрај Украина кога им беше потребно и пречекаа илјадници Украинци на кои им требаше засолниште“, додаде тој.
Кралот ги поздрави англо-италијанските планови за развој на нов млазен ловец со Јапонија како дел од Глобалната борбена воздушна програма (GCAP). Велика Британија ја напушти Европската унија во 2020 година, а кралската посета се смета за дел од напорите на Лондон да ги обнови врските со старите сојузници на ЕУ и да ги ублажи негативните последици од Брегзит.
Чарлс истакна дека тој е и крал на Канада, земја за која американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека има намера да ја преземе контролата. Чарлс и Камила денеска ја слават 20-годишнината од бракот, а вечерта ќе ја поминат на свечен прием во палатата Квиринале, резиденцијата на претседателот Серџо Матарела.
Кралот претходно се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони во палатата Дорија Памфиљ во Рим и прошета низ градината на зградата од 17 век. Ова е прва странска посета годинава за 76-годишниот крал, кој се уште се лекува од неодреден тип на рак.