Трендови во европската индустрија: Зеленото станува сивомаслинесто

Премиерот Кир Стармер веќе обелодени дека шанса за папсаната британска економија гледа во воената индустрија и можностите што за неа ги отвора војната во Украина. И во Германија се најавува сличен развој на настаните. Стигна галантна понуда: наместо автомобили, во фабриките на „Фолскваген“ да се прават тенкови.

„Фолксваген“ затвора фабрики и отпушта работници. Бившиот канцелар Олаф Шолц најави фонд од 100 милијарди евра за обнова на Бундесверот, а актуелниот Фридрих Мерц вети дека ќе направи „сè што е потребно“ за одбрана на слободата во Европа.

На сцената настапува „Рајнметал“, кој во погоните на „Фолксваген“ би произведувал тенкови. Станува збор за германски гигант со 136-годишна историја на производство муниција и оклопни возила.

Главниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, изјави дека е многу потешко да се изгради нов погон отколку да се пренамени постоечки капацитет. Се водат разговори со „МАН“ заради заедничко вложување во производство воени камиони.

Уште кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на безбедносната конференција во Минхен го објави повлекувањето на САД од Европа, Баварецот Папергер беше меѓу првите што заклучи дека Европа нема друг избор освен драматично да ги зајакне своите одбранбени способности: „Тоа е добро за бизнисот“.

Малку бизниси профитираа од војната во Украина како „Рајнметал“. Адутот на германскиот гигант е погонот за муниција за хаубици од 155 милиметри. Европската Унија не ја исполни целта да испорача 1 милион гранати на Киев до крајот на 2023 година. „Рајнметал“ е на пат самостојно да ја надмине таа бројка на крајот на следната година. 

„Рајнметал“ доби и нови договори за пополнување на резервите, откако старата муниција од арсеналите на Германија и на другите европски членки на НАТО ѝ беше префрлана на Украина. Од почетокот на војната во 2022 година, вредноста на акциите на „Рајнметал“ се зголеми за повеќе од десет пати. Приближно 30% од продажбата, која минатата година достигна 9,8 милијарди евра, била за германските оружени сили.

Европската Унија објави планови за зголемување на трошоците за одбрана за 800 милијарди евра. Планот вклучува заеми од 150 милијарди евра за да им се помогне на земјите-членки да купат противвоздушна одбрана, артилерија, проектили, муниција, беспилотни летала и системи за кибернетска безбедност и мобилност.

Рајнметал не е единствениот европски одбранбен изведувач што има корист од зголемените европски воени трошоци, кои достигнаа 457 милијарди долари во 2024 година. Тоа е 50% повеќе во однос на 2014 година, според податоци на Меѓународниот институт за стратегиски студии.

Приходот на британската компанија „БАЕ системс“ достигна 26,3 милијарди фунти во 2024 година. Компанијата произведува муниција, артилериски системи, ракетни фрлачи, системи за ноќно следење, сензори, комуникациска опрема и интеграција на системи.

Француската „Талес“, специјализиран за противвоздушна одбрана, дигитални системи и копнен транспорт, во 2024 година оствари приход од 20,6 милијарди евра. Талес произведува вселенски системи и сензори и поврзување војници на дигитално бојно поле.

Италијанската „Леонардо“ лани заработи повеќе од 20,9 милијарди евра од продажба на хеликоптери и заедно со британската „БАЕ системс“ и јапонската „Мицубиши“ работи на проект за производство борбени авиони од исната генерација.

Шведската компанија „Сааб“, која има цивилни и воени сектори, оствари приходи од речиси 6 милијарди долари. Произведува проектили, подморници, сензори, електроника, борбениот авион „Грипен“, беспилотни системи и подморници. 

Производителот на патнички авиони „Ербас“ има и воен сектор кој лани заработил 12,4 милијарди евра. Партнер е во производството на ловците  „Еурофајтер тајфун“ и на транспортните авиони „А400М Атлас“ и воздушниот танкер „А330 МРТТ“.

Француската обранбена компанија „Сафран“ лани остварила приход од 27,3 милијарди евра. Нуди навигациски технологии, електро-оптички системи, системи за таргетирање, падобрани, тактичкото беспилотно летало „Патролер“ и ракетни погонски системи.

Приходите на бродоградителот „Финкантиери“ од Трст лани надминале 8 милијарди евра. Најавува инвестиции во беспилотни системи и напредни комуникациски мрежи за поврзување на подморници со копнени и вселенски системи.

Францускиот „Дасо“ лани остварил приход од 6,2 милијарди евра. Најпознат е по своите борбени авиони „Мираж“ и „Рафал“, а од владата има обезбедено договор за развој на беспилотно летало „nEUROn“.

 

13 март 2025 - 10:03