(Видео) Беџети од ДУИ и Мицкоски влегоа во „клинч“, се дискутира според кој закон може да се „влече за уши“


Пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети упати пратеничко прашање кон премиерот Христијан Мицкоски и го обвини дека се мешал во правосудната власт преку прес-конференцијата која ја одржа во Владата. Според Беџети, премиерот обвинувал. На ова, возврати Мицкоски кој кажа дека тој не го прави тоа што не сака да му го прават на него.
„Јас никогаш не се изразив како што вие велите, да било кого осудам пред време иако ние како политичка партија, знаеме што значи да се биде жртва на таков тип квалификации, сме го почувствувале тоа. За нас важи правило не им го прави на луѓето тоа што не сакаш да ти го прават. Јавното обвинителство ја води истрагата, а кога ќе ја заврши, ќе се произнесе дали обезбедените лица се осомничени или не. Јас не би обвинувал, ниту сум обвинувал како што вие велите. Точно е дека јавно кажав, со триста огради, дека може да влијаам на истрагата ако кажам дека постои фалсификуван документ/лиценца за истиот клуб каде се случи трагичниот настан и точно е дека откако се провери во архивата, под тој архивски број е друг документ заведен. Документите (лиценците) се издавани од Министерството за економија, таму јас не сум бил министер, министри (со исклучок), од 2008 година наваму биле предлози на ДУИ. Овој клуб почнува во 2012 година, а тогаш бил министер од ДУИ. И додека постоел, министер бил од ДУИ. Тогаш се поставува кој ги потпишувал овие документи? Таму стои ‘во име на министерот’… Да почекаме обвинителството да се произнесе, нели го браневте? Тие дојдоа таму, тие ја водат истрагата. Нека ја завршат, да видиме, можеби јас ќе бидам осомничен, можеби Тошковски, можеби некој друг и тогаш да направиме заклучок дали е селективно или не “, рече Мицкоски.
Потоа, Беџети излезе на говорница го праша Мицкоски, кој закон му овозможува да спроведува правда со влечење за уши, алудирајќи на негова претходна изјава. Беџети констатираше дека имало дофрлање „според нашиот“, па искоментира.
„Ооо… тогаш важи вашиот закон во оваа држава, не законите и Уставот. Се надевам дека целата јавност го слуша овој одговор, дека од законот на премиерот Христијан Мицкоски, можат да се влечат луѓе за уши“, рече Беџети.
