Откриено неверојатното богатство на Лука Модриќ – eве колку е „тежок“ 


Влегувањето на Лука Модриќ (39) во сопственичката структура на Свонси Сити предизвика голем интерес кај англиските медиуми, кои објавија колку заработил капитенот на „Огнените“ досега во својата богата кариера.

Лука Модриќ и на 39 години продолжува да се истакнува на највисоко ниво. Капитенот на Реал Мадрид и на хрватската репрезентација со секој потег ја потврдува својата класа, а многумина го сметаат за најдобар играч за врска на сите времиња. Покрај импресивната спортска кариера, Модриќ сѐ повеќе внимание посветува и на приватните инвестиции, а најнова во низата дефинитивно е онаа во англискиот клуб Свонси Сити.

Велшкиот второлигаш објави дека Модриќ станал еден од ксосопствениците, што го означи влезот на хрватскиот фудбалер во нов деловен потфат. Свонси моментално се наоѓа на 12. место во Чемпионшип, а според клупското соопштение, доаѓањето на Модриќ се смета за голем поттик за остварување на амбициите на клубот да се врати во Премиер лигата.

„Ова е возбудлива можност. Свонси има силен идентитет, неверојатна база на навивачи и амбиција да се натпреварува на највисоко ниво. Бидејќи и самиот играм на тоа ниво, верувам дека можам да му помогнам на клубот со моето искуство. Мојата цел е да го поддржам растот на клубот на позитивен начин и да помогнам да се изгради возбудлива иднина“, рече Модриќ.

Според магазинот FourFourTwo, инвестицијата во Свонси е само продолжение на обмисленото вложување на Модриќ во неговото стекнато богатство. Според податоците на веб-страницата CelebrityNetWorth, задарецот моментално има имот во вредност од околу 65,3 милиони евра (56 милиони фунти или 75 милиони долари).

Да потсетиме, Модриќ во кариерата шест пати ја освојуваше Лигата на шампионите, ја освои Златната топка, а со хрватската репрезентација на последните две Светски првенства освои сребро и бронза. Неговата животна приказна, од детството поминато на Велебит до сцената на светскиот фудбал, е инспирација за многумина.

Покрај фудбалот, Модриќ со години успешно инвестира, најчесто во недвижнини, за кои се грижи неговата сопруга Вања. Пред четири години основале компанија во која досега има инвестирано повеќе од 20 милиони евра.