1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Филипче најавија соработка за реформската агенда

ДТЗ
3 април 2025

Првата средба на премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче, по изборот на новата Влада, резултираше со конкретен договор.

https://p.dw.com/p/4sd8B
Венко Филипче, Христијан Мицкоски
Мицкоски и Филипче најавија соработка за реформската агенда Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Првата средба на премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче, по изборот на новата Влада, резултираше со конкретен договор. Филипче вели дека е договорено да се формираат заеднички работни групи кои ќе работат на усвојувањето на реформската агенда и првичните закони кои треба да стигнат во Собранието во делот на правосудството, енергетиката и здравството. Тој по средбата на „Илинденска“  оцени дека разговорите поминале во добра и конструктивна атмосфера.

Засега е неизвесно дали ќе има нова средба по „пробивањето на ледот“ и дали овие тет-а-тет разговори се увертира за можна средба со лидерите и на останатите политички субјекти во земјата во наредниот период. Филипче очекува сите политички партии да седнат на маса за темите кои што се од суштинско значење за земјата. .

„Разговаравме за евроинтеграциите, имаме различни позиции, за ова дополнително ќе разговараме“, вели првиот човек на СДСМ. 

Следен логичен чекор, според него, е одржување на лидерска средба. „Мислам дека со тоа што покажуваме свест, разум и слух за барањата на граѓаните и се обидуваме да воспоставиме нов модел на соработка кој е во интерес на барањата на граѓаните, најпрво преку рефромската агенда, сметам дека е добар позитивен сигнал. Со ова сметам дека граѓаните треба да бидат свесни дека некој ги слуша нивните барања“, додаде Филипче. 

Венко Филипче
Филипче по средбата на „Илинденска“  оцени дека разговорите поминале во добра и конструктивна атмосфера.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Одговорност, мудрост и чесност

Премиерот на социјалните мрежи објави фотографија од средбата. 

„Средба каде разговараме за актуелните случувања, и од која сакам да се знае дека одговорност, мудрост и чесност и се повеќе од потребни на Македонија!“, објави Мицкоски. 

Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче имаа тет-а-тет средба во Владата, откако лидерот на опозицијата иницираше лидерска средба на којашто би се разговарало за долгорочна стратегија на државата која би се изготвила со политички дијалог. Ова е прва средба меѓу нив по стапувањето на премиерската функција на Мицкоски и преземањето на претседателската позиција во СДСМ од страна на Филипче.  

Филипче бараше разговорите да се фокусираат на образованието, здравството, правосудството, заштитата на животната средина и партизацијата во институциите. Тој смета дека трагедијата во Кочани ги освестила системските слабости и дека е крајно време сите политички чинители да почнат да работат заедно за доброто на државата.

Венко Филипче, Христијан Мицкоски
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче изрази жалење што одредени политички партии се обиделе да уфрлат некаква етничка димензија за средбатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Филипче: Средбата нема етничка димензија

Дел од партиите по најавите дека ќе се одржи средба изразија сомнеж обидот е да се „дисквалификуваат Албанците од општествените текови“.  Лидерот на СДСМ, Венко Филипче изрази жалење што одредени политички партии се обиделе да уфрлат некаква етничка димензија.

„Сакам да демантирам. Повикот за меѓупартиска средба е за сите партии. Ќе поразговараме за темите кои сметам дека заеднички треба да се менаџираат. Темите што ги нафрлив вчера ќе се обидам подетално да му ги објаснам, така како што мене ми е размислувањето. Отворен сум да разговараме за сите опции. Внимателен оптимист сум“, рече Филипче.

Ваквиот став следи откако ДУИ изрази „силна загриженост поради сѐ понагласената моноетничка доминација која власта ја демонстрираше во првата година од своето владеење, а сега веќе на јавна сцена ја вклучува и етничката македонска опозиција во својата намера“. „Јавноста е просто згрозена од овој јавен флерт на Мицковски и Филипче, за полноќни средби во политички интимна атмосфера на која ништо помалку, туку ќе се крои планот за нов општествен договор за регулација на идните политички текови. Иако и досега не беа за ништо прашувани, дегутантен е молкот на Албанскиот партнер во Владата“, посочија од ДУИ.

Од Вреди им порачаа дека „ДУИ има синдром на напуштена љубовница“.