Финансиска помош за жртвите на семејно и родово базирано насилство! Општина Кисела Вода, ќе доделува финансиска помош на жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Борбата за спречување на секој вид на насилство е дел од нашата стратегија која во континуитет ја спроведуваме, посочи градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Оваа нова мерка, за која наскоро ќе биде распишан и Јавен повик, ќе гарантира целосна дискреција на жртвите кои ќе се пријават, а ќе приложат потврда дека се регистрирани како жртви на семејно насилство. Насилството е за секоја осуда, никој на овој свет не смее да биде жртва. Ова не е прва мерка која ја воведуваме во насока на надминување на ваквите или слични проблеми, истакна градоначалникот.
Претходно, во населбата Црниче, заедно со граѓанската организација „Крик”, општина Кисела Вода отвори канцеларија за психолошко советување на жртвите од булинг, семејно или било каков тип на насилство.
-Кисела Вода не само што е потписник на Истанбулската Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, туку и во пракса интензивно работи на имплементација на сите нејзини постулати. Заедно сме посилни. Заедно можеме да направиме промени, истакна тој.