Општина Карпош носи трет сет на мерки за вразумување на сопствениците, градежниците и инвеститорите, поврзани со обезбедување на поквалитетни градби, подобар материјал, подобар изглед и сигурност и на инвеститорите и на станарите, соопшти денеска на прес-конференција градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Службениците кои го одобруваат идејниот проект ќе мора да излезе на терен и да го слика идното градилиште од сите позиции и при одобрување на градбата ќе се бара елаборат за организирање на градилиштето со строги правила и банкарски гаранции, соопшти Јакимовски. Општинска комисија ќе ги одобрува и надворешниот изглед и фасадите, како и материјалите кои ќе се користат.
Инвеститорот пред одобрување на идејниот проект ќе мора да достави договори и со сопственикот на земјиштето, со што ќе се заштитат сите страни во постапката.

Задолжително ќе биде и купувањето на гаражно место, ќе се бараат докази дека е купено гаражно место и уписот во катастар ќе ја врши тричлена комисија, која на лице место ќе ги проверува условите, а на лице место ќе присуствува и градоначалникот. За секоја фаза од објектот инвеститорот ќе ја известува Општината и секоја фаза ќе се контролира, наведе Јакимовски.

Банкарска гаранција ќе мора да ѝ се даде и на Општината дека нема да се оштетат тротоарите, улиците и другата инфраструктура. Се забранува градежна активност на државни празници и во недела, а нема да може да се работи и во сабота пред 8 часот наутро и после 16 часот попладне.
Овие и останатите мерки ќе почнат да важат од утре, нагласи Јакимовски.