Шкендија се огласи по непримерното однесување на навивачката група „Балисти“ чии членови, минутата молк пред денешниот натпревар со Брера во рамки на 25-то коло во Првата МФЛ, го искористија за пеење и по некој свиреж. Од управата на тетовскиот клуб изразуваат жалење и осуда за настанот.
„Шкендија ги почитува сите институционални одлуки во овие сензитивни моменти за општеството. Како клуб, ситуацијата во Кочани нè шокираше исто како цела држава и емотивно влијаеше на нашите животи. Чувството беше присутно на сите тренинзи овие денови, а се преслика и на мечот со Брера и покрај победата од 2:1, тимот не почувствува сатисфакција. Во овој контекст, Шкендија го испочитува барањето на минута молк од ФФМ во чест на жртвите. Сепак, група индивидуалци на трибините реши да не го испочитува тоа. „Балистите“ кои обично се зад голот, овојпат беа на централната трибина. Вкупно имаше меѓу три и четири илјади навивачи на стадионот, а група од 20 индивидуалци покажа нeодговорно однесување не беше во склад со остатокот од навивачите. „Балистите“ се наш дванаесетти играч и секогаш биле нераскинлив дел од Шкендија, но такво неодговорно однесување од група индивидуалци не го пресликува духот на групата. Шкендија изразува длабоко жалење за ситуацијата, а исто така сака да искаже и почит за сите кои ги загубија животите во трагедијата“, стои во соопштението на Шкендија.