Достапни линкови

 
Сексуалното насилство - долгорочна траума која често се премолчува

Сексуалното насилство - долгорочна траума која често се премолчува


Илустрација
Илустрација

Во само три градови во Северна Македонија има упатни центри во кои жртвите на силување може да добијат помош. Докази може да им се земат само во Институтот за судска медицина, а во моментите на траума, жртвата мора да му ги даде потребните информации на обвинителот. Тоа ги обесхрабрува жртвите да го пријават насилството. Протоколот за постапување на институциите мора да се менува, алармираат од судството и невладините организации.

Полицијата поднесе кривична пријава против шеесет и четиригодишен маж од Македонски Брод, кој се сомничи дека бакнувал и допирал малолетно девојче во истиот град во два наврати за неполн месец. Нему веќе му е изречена мерка притвор од 30 дена, по што е спроведен во затворот во Битола.

Полицијата денеска (4 април) соопшти и дека вчеравечер уапсила 15-годишен гостиварец, откако неговата тетка пријавила дека тој извршил полов напад врз нејзината петгодишна ќерка.

Овие два случаи се последните во кои е пријавено сексуално насилство забележано во полициските билтени, а пријавите за сексуалното насилство се реткост, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Жртвите на силување најчесто се откажуваат уште на почетокот на постапката во која треба да докажат сексуално насилство. Првиот „ѕид“ е што во Северна Македонија има само три упатни центри, каде што жени и мажи врз кои е извршено сексуaлно насилство можат да побараат помош.

Упатните центри за сите кои претрпеле сексуално насилство ги отвори Министерството за здравство во 2018-та година. Тие функционираат во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Куманово. Од Министерството за здравство не одговорија на нашето прашање колку жртви добиле помош таму.

Експертката за родови политики, Неда Чаловска Димовска вели дека упатните центри постапуваат според стандардна процедура. Она што е проблематично е дека тимот кој ѝ пристапува на жртвата во моментот на голема траума, е составен од премногу луѓе.

„Најпрво жртвата треба да зборува со социјална работничка, па потоа се повикува полиција, па се повикува инспектор, па потоа тој се јавува во Јавното обвинителство. Во принцип треба да се викне и лице од Судска медицина кое треба да ги земе форензичките докази. Ова во пракса не се случува туку се оди на тоа жртвата да се однесе кон Институтот за судска медицина“, додава Чаловска Димовска.

Додека жртвата стигне до Институтот за судска медицина во Скопје, кој е единствен во државата, почнува одолговлекување на постапката, особено за оние од помалите градови или од руралните средини.

Затоа, граѓанските активисти бараат и гинеколозите во сите болници да бидат обучени да ги собираат доказите, но и да се обучат форензички сестри.

Д-р Станков: Системот е функционален

Но, според првиот човек на Судска медицина, д-р Александар Станков македонскиот систем на обезбедување докази е сосема функционален.

„При собирањето докази има еден таканаречен триаголник ‘жртва-сторител-место на настан’. Со тие докази што ќе ги соберете вие мора да го направите тој триаголник, односно да ги поврзете жртвата, сторителот и местото на настанот. Ние како Институт работиме 24 часа, ние сме специјално едуцирани за вакви настани, односно односно за случаи со жртви на сексуално насилство“, истакна д-р Станков на дебатата што ја организираше Националната мрежа против насилство врз жените.

Иако доказите се прибираат по пат на преглед, подеднакво важно е, вели тој, доказот да биде во доволна количина и правилно да се чува.

„Можеби треба да се направи нешто за да се скрати процесот на присуство на лицата во полиција каде што се земаат првичните информации, но да менуваме систем нема потреба“, дециден е д-р Станков.

Исказ пред обвинител со одложено дејство

Граѓанските организации апелираат да се овозможи давање исказ со „одложено дејство“, за разлика од сега кога жртвата дава исказ и по неколку пати во текот на целата постапка.

Обвинителката, Ленче Ристоска вели дека првичните информации од жртвата може да се земат на понеформален начин.

„Треба да биде пропишан првичен пристап кој ќе ѝ даде можност на жртвата да се соземе, а во меѓувреме, ние ќе имаме можност да ги собираме другиве докази, па некако ќе се најдеме на средина“, додава Ристоска.

Таа вели дека поради траумата и стресот, жртвата може некои детали да ги заборави или да ги раскаже поинаку.

„И тука ја имате одбраната, излегува со тоа дека исказот е контрадикторен со оној што веќе е во записникот. Па прашање е колку ќе бидат сензибилизирани судиите дека тоа се должи на траумата на жртвата, а не дека таа лаже. Како органи се доведуваме во незавидна ситуација кога на жртвата сме пропуштиле да ѝ обезбедиме соодветна заштита затоа што сме ја изложиле на ревиктимизација во текот на кривичната постапка“, посочи обвинителката.

Организациите очекуваат дека со давањето исказ пред обвинител со одложено дејство, тоа би можело да се промени. Во пракса, ова би значело дека и покрај земањето докази веднаш, комуникацијата со обвинителот би следувала по закрепнувањето на жртвата.

„Од аспект на давањето на изјавата и комуникацијата на жртвата со јавниот обвинител, имаме предлог тоа да се одложи додека таа не закрепне. Значи додека не зајакне жртвата да не мора да даде изјава, а во меѓувреме Јавното обвинителство да ги собира другите докази“, објаснува Чаловска Димовска.

Но од граѓанскиот сектор, не само што бараат промени во протоколот по кој се постапува при ваквото насилство, туку апелираат и да отворат кризни центри кои би ги заштитиле жртвите долгорочно. Според активстите, ова би можело да ја промени праксата на слабо пријавување на случаите на сексуално насилство, кое беше нотирано и во последниот извештај на ГРЕВИО објавен во септември 2023.

Оваа Експертска група на Советот на Европа за акција против насилството врз жените и семејно насилство, оцени дека Северна Македонија има екстремно ниски стапки на пријавување на ваквите случаи поради стигмата, но и поради недоволниот број центри за упатување на жртвите.

Стереотипи и институционална недоверба

Правната експертка, Ана Аврамоска Нушкова пак, меѓу причините за „молкот“ за ваквото насилство, ја наведува и недовербата кон институциите.

„Ти по закон треба да ѝ дадеш на жртвата психолошка помош и поддршка, да ја заштитиш ако има акутно насилство, некаде да ја сместиш или да го отстраниш сторителот. Тогаш кога ќе затаат професионалците во нивните постапувања односно во нивната итност во постапувањето, така се прави таа недоверба“, вели за Радио Слободна Европа, Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Другиот аспект на проблемот, додава таа, е тоа што македонското општество „сѐ уште негува култура на насилство“.

„Овде е срамота да кажеш што ти се случува или да кажеш дека одиш на психотерапија и тука е исто моментот кога жените се повлекуваат“, смета Аврамоска Нушкова.

Додека граѓанските организации стравуваат дека бројот на жртви е далеку поголем од она што е забележано во полициските билтени, официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи говори дека во период од 2020 година заклучно со февруари 2025, регистрирани се 150 жртви на силување. Во писмениот одговор до Радио Слободна Европа, од МВР наведуваат дека 48 од жртвите биле малолетни. Во однос на полот, 143 жртви се жени. Пет од нив, се регистрирани во првите два месеца од оваа година. Една од петте жртви, била малолетна - соопштија од МВР.


XS
SM
MD
LG