Шампионот не ги искористи шансите, Шкупи со бод се враќа од Струга

Фудбалерите на Струга Трим Лум и Шкупи одиграа без победник и без голови (0-0) во една од дерби пресметките на 25. коло на ПМФЛ. Натпреварот на „Градскиот стадион“ во Струга го одбележа борбеноста и голманските интервенции кои веројатно го одредија резулатот.

Домашните подобро го отворија натпреварот и почнаа да притискаат. Стружани се обидуваа со нафрлувања и долги акции да го скршат гостинот. Првата закана ја имаше Стефан Јефтовски, но неговиот удар заврши над голот. Најзрелата шанса во полувремето Струга ја имаше во 17. минута. Јевтовски испрати топка низ одбраната, Бесарт Кривањева налета на неа и убаво биеше, ама голманот Денковски успеа атрактивно да одбрани. Одбиената топка падна пред Буњамин Шабани кој биеше преку пречката. Продолжи шампионот да притиска, имаше уште два обиди до крајот на полувремето, но завршуваа над голот. На спротивната страна сличен епилог имаше и изгледната шанса на Хамза Рамани. 

Второто полувреме продолжи со иницијатива на стружани, како и обиди да се отвори резултатот. На спротивната страна присебноста на домашниот голман Ќосевски ја испита Имери со удар од околу дваесет метри. По игра со рака на Аворнио досуден беше слободен удар за Струга. Одговорноста ја презеде Никола Влајковиќ, а тој биеше прецизно над живиот ѕид. Сепак, неговиот удар го скроти голманот Денковски со атрактивна парада. 

Во завршницата голманот пак го спаси Шкупи во една акција при зицер на Кехинде, меѓутоа се испостави дека напаѓачот бил во недозволена позиција. До крајот на средбата одлична шанса имаше и скопскиот тим преку Џемал Ибиши, а ударот го скроти голманот Ќосевски. Мрежите останаа да мируваат и во судиското продолжение, па екипите мораа да се задоволат со бод. 

Струга со 39 бода во моментов е петтопласирана, додека Шкупи е позиција подолу со 32 бода. Во следното коло шампионот пак е домаќин, на дуелот со Пелистер, а чаирчани пред своите гледачи ќе го пречекаат Работнички.