Германската влада ја намали прогнозата за економски раст за оваа година на 0,3 отсто, што е намалување од претходните 1,1 отсто, објави министерот за економија Роберт Хабек при претставувањето на годишниот економски извештај на владата.
Падот делумно се должи на колапсот на трипартиската коалиција на канцеларот Олаф Шолц во ноември и последователниот неуспех да се спроведе владината иницијатива за поттикнување на растот. Планот, кој вклучуваше даночни олеснувања за поттикнување инвестиции, мерки за намалување на цените на електричната енергија и реформи на пазарот на трудот, беше клучен за претходната прогноза.
Друг фактор зад ревидираната бројка е можноста САД да воведат царини за стоките од Европската унија.
Германија минатата година и 2023 година ги заврши во рецесија. Годишниот извештај предвидува благ пад на извозот, додека приватната потрошувачка ќе остане слаба. Се очекува инфлацијата да остане на 2,2 отсто или 0,2 процентни поени над стапката што ја бара Европската централна банка.
Стагнацијата влијае и на пазарот на труд. Се предвидува дека невработеноста ќе погоди три милиони луѓе.
Германската економија веќе две години стагнира, делумно поради циклични, но пред се структурни фактори, се наведува во извештајот.
Се посочува дека компаниите се воздржуваат од инвестиции поради високите цени на енергенсите, преголемото даночно оптоварување, високите придонеси за социјално осигурување, преголемата бирократија и дотраената инфраструктура.
Владата се уште гледа „светло на крајот од тунелот“ во 2026 година, за што предвидува раст од 1,1 отсто
Извор: dpa
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.