АктуелноЛокално

Левица Кичево: Ѓубриштето стана симбол на вашето владеење

Локалниот огранок на партијата Левица од Кичево излезе со остра реакција поради, како што велат, долгогодишното негрижливо постапување на општинската власт во врска со депонијата што се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот. Според нив, оваа депонија, која претставува сериозна еколошка и здравствена закана, се користи веќе осум години, иако првично била претставена како „привремено решение“.

Од Левица – Кичево велат дека даваат целосна поддршка на денешниот непартиски, мирен протест на граѓаните, кој се одржа пред зградата на Општина Кичево. Протестот беше организиран поради, како што нагласуваат, континуираното складирање на ѓубрето во централното градско подрачје и лагата што им била сервирана на жителите дека оваа локација ќе се користи само краткорочно.

„Свесно се труе здравјето на граѓаните и се уништува еко-системот на Кичево. Осум години властите ги игнорираат реалните опасности“, стои во реакцијата на Левица, која упатува сериозни критики кон градоначалникот Фатмир Дехари, Советот на општината и сите советници.

Левица обвинува дека мандатот на локалната власт поминал во период на незаинтересираност , без реална акција за решавање на проблемот со управувањето со отпадот. Според нив, одлагањето на сметот во урбано подрачје е директен напад врз здравјето на граѓаните, за што властите се одговорни пред народот од чиј џеб се платени.

Покрај критиката, Левица повторно апелира до сите надлежни институции, вклучувајќи го и градоначалникот и советниците, итно да пристапат кон изнаоѓање трајно и соодветно решение за отпадот. Тие бараат депонијата да се дислоцира на локација што не ја загрозува околината и здравјето на граѓаните, како и воспоставување безбедносни механизми за идно управување со отпадот.

„Кичевчани се за здраво Кичево, но ѓубриштето на соодветна локација!“, порачуваат од Левица – Кичево.

Z P

Zvezdanka Pesikj