Општество
Артур Шопехауер
−за жената −
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Артур Шопенхауер (1788 − 1860) студира природни науки и философија во Готинген и во Берлин. Во 1813 година, во Јена ја брани својата докторска теза по што во 1820 година е именуван за доцент на Универзитетот во Берлин. Опишан е како мрачен и безнадежно тажен лик, но и како мизантроп, женомрзец и циник. Идеолошки бил конзервативен и противник на секаква форма на демократија и на артикулација на гласот на плебсот. Шопенхауер енергично се спротивставува на посткантовскиот развој на германската филозофија и точно се јавува во „среде распеаниот хор од германски идеалисти“ како Фихте, Шелинг и Хегел, чија философија саркастично ќе ја нарече „бладање во лудило“ и ќе се обиде да ја врати на изворите на кантовската философија. Ако за „другите членови на германско-идеалистичкиот хор“ светот е умен и се посматра низ призмата на умноста, за Шопенхауер философијата е само „јасно око во кое се огледува стварноста“, а преку „јасното око“ насекаде околу себе гледа само страшно безумие. Светот за него е „болница на неизлечливи страдалници“, а во тој пекол постојат само мачители и измачени души.
Моралот за кој се залага Шопенхауер е аскетски. Морал на светец кој, како што и самиот ќе рече, е „повеќе за домашна употреба“ бидејќи светот во основа е зол, а тогаш и животот во него не е ништо подобар така што човек треба да се откаже од волјата за живот и да се издигне над прозаичната тривијалност и сентименталноста на живеењето бидејќи животот е трагичен, но возможно е човек со помош на аскезата да се издигне над тривијалноста и желбите и да се посвети на добродетелите и на „вечна нирвана“. За Шопенхауер емпатијата и сомилоста се природно зададени, постојат во суштината на човечката природа како прафеномени и суштински фактори на човечката свест. Емпатијата има две нивоа, негативно и позитивно. Во лоши услови и тешка ситуација се пројавува негативната емпатија, кога волјата не му штети на другиот, но ниту му помага, туку функционира и креира атмосфера на трпеливост. Другата, позитивната емпатичност, се јавува како активна помош, сомилост и сочувство спрема другиот. Врв на совршена моралност за Шопенхауер е аскезата која ги поништува и ги совладува сите желби и посакувања на човекот, а како краткотрајна утеха и заборав од светската болка и тага тој ја пронаоѓа во музиката. Главната задача на уметноста според Шопенхауер се состои во тоа таа да биде „палијатив“ на светската болка и тага која ќе го ослободи човекот од сите зла и маки.
Мошне се интересни ставовите на Шопехауер за жената и за нејзината моралност кои ги опишал во есејот под наслов „За жените“. За Шопенхауер жената не е предодредена за големи душевни ниту телесни дела. Таа не му се оддолжува на животот со работа, туку со „болка при раѓање“, со грижа за децата и со следење на мажот. Таа е негова сенка, таинствена сопатничка, верна слугинка, забавувачка и весела придружничка. За разлика од животот на мажот, животот на жената треба да протекува мирно, безначајно, а таа не треба да биде ниту среќна ниту несреќна. Жената е првата воспитувачка во најраното детство на детето затоа што и самата е „детинеста, будалеста и кратковидна“, со еден збор „големо дете“, нешто меѓу дете и прав маж. Природата ја наградила со толку многу раскошна убавина за да завладее со имагинацијата на некој маж кој сиот свој живот ќе се грижи за неа. Со други зборови, природата ја наоружала жената со оружје и со средства кои ѝ се неопходни за нејзиниот опстанок. Нејзината една и единствена преокупација е љубовното освојување и сè што е поврзано со тоа. Жената сиот свој живот останува дете што живее само во сегашноста, се грижи само за најблиските, а на малите нешта им посветува многу повеќе внимание отколку на вистинските и на големите нешта. За неа, должност на мажот е да заработува, а таа да троши. Таа е, всушност, весело и будалесто суштество, а со веселоста го забавува мажот. Жената смета дека има повеќе сочувство од мажот, па оттука и поголема љубов, додека во праведноста, во чесноста и во совесноста заостанува зад него. Жената го забележува она видливото и реално и затоа не е „скроена“ за апстрактни мисли, за постоечки максими, за цврсти одлуки, има афинитет за првичното, но не и за секундарното, па Шопенхауер моше забавно ќе се пошегува со неа и ќе ја спореди со „организам кој има џигер, ама не и жолчен меур“. За главен недостаток ѝ ја забележува неправедноста која произлегува од недостатокот на разум и на рационално расудување. Таа не е природно надарена со сила, туку со итрина од што, пак, произлегува нејзината инстинктивна склоност кон лагите. Измамата, вели Шопенхауер, ѝ е вродена како на глупавата така и на разборитата жена. За него жената не живее како индивидуа, па токму поради тоа е и лесномислена. Оттука цинично и ќе се запраша: „Тој род со ниски нозе, тесни гради и широки колкови може ли да се нарече убав?!“ И сам си одговара. Таа нема смисла ниту за музика, а ниту за поезија или ликовна уметност и според тоа, заклучува Шопенхауер, за ништо не ја бидува и за ништо не е способна. Дури не треба да ѝ се дозволи ниту да чита поезија и политички текстови, туку само книги со рецепти за готвење и религиозна литература, пишува Шопенхауер во познатиот есеј „За жените“.