1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски критикува, ВМРО-ДПМНЕ го нарече „озборувач“

ДТЗ
10 март 2025

ВМРО-ДПМНЕ ја заостри реториката кон поранешниот претседател Стево Пендаровски, по критиките дека постапките на Владата се „гол аматеризам во политиката“

https://p.dw.com/p/4rZrF
Стево Пендаровски
Пендаровски критикува за аматеризам во надворешната политикаФотографија: President of North Macedonia

ВМРО-ДПМНЕ ја заостри реториката кон поранешниот претседател Стево Пендаровски, откако тој во телевизиско гостување на ТВ Сител ги критикуваше потезите на Владата во однос на надворешната политика и одлуката да се „истрчаат“ и да застанат како коспонзор зад резолуцијата на САД  за Украина. Тој изрази загриженост поради тоа што владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски се позиционирала близу новата администрација на Доналд Трамп, а изјавите од типот дека „новото нормално ќе го преплави светот“, ги оцени како гол аматеризам во политиката. 

Но, ваквите критики на Пендаровски предизвикаа лавина реакции во редовите на владејачката партија, кои го нарекоа поранешниот претседател „импровизатор и озборувач“. „Социјалдемократскиот сојуз си го покажа вистинското лице и на планот на меѓународната политика на државава. Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски кој воедно е и поранешен претседател на државата предложен од таа партија, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека е против стратешкиот партнер на Македонија -САД“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. 

Христијан Мицкоски во САД
Пендаровски изрази загриженост поради тоа што владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски се позиционирала близу новата администрација на Доналд ТрампФотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Според нив, ова говори дека „СДСМ и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале“. Според нив, Пендаровски влегол и во зоната на недозволено однесување кога станува збор за дипломатија и меѓународна политика. „Па така, Пендаровски од СДС говореше како разбрал за време на средби со дипломати што се зборувало со владини претставници нешто што е национален интерес на Македонија. Со ова Пендаровски од СДС влезе и во сферата на откривање на државни позиции“, се додава во партиското соопштение.

На Пендаровски му порачаа дека треба да се освести и како поранешен претседател да престане да се однесува како личност која анализира и озборува. „Ако СДС и Пендаровски не и помагаат на Македонија, барем нека не и одмагаат“, велат од владејачката партија.  

Критиките на Пендаровски 

Пендаровски на 8 март во гостување на Сител рече дека го загрижува македонското позиционирање во однос на администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп.

„Ставот на премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Америка, дека треба да се навикнеме на ова ново нормално и дека тоа ново нормално ќе го преплави светот, е опасна теза“, смета поранешниот претседател. Тој вели дека Македонија како мала држава, не смее да истрчува и да застанува рамо до рамо со Трамп, против ЕУ, имајќи предвид дека големите држави мерат и мудро вагаат каде и како ќе се позиционираат. 

Доналд Трамп
„Ние сме мала држава, ние не сме светска велесила, туку меѓу најмалите на Балканот и нас не ни личи да истрчуваме, да бидеме брзи и први да се позиционираме до Трамп“, вели ПендаровскиФотографија: Leah Millis/REUTERS

„Ние сме мала држава, ние не сме светска велесила, туку меѓу најмалите на Балканот и нас не ни личи да истрчуваме, да бидеме брзи и први да се позиционираме до Трамп. Ако најголемите од Г7 не се наредија рамо до рамо со Трамп после изборите, туку вагаат, мерат кои се нивните интереси и што со ваквиот претседател на САД можеш да постигнеш за својата држава, не можам да разберам што е ова истрчување знаејќи дека сме многу мала држава со мали ресурси“,изјави Пендаровски.

Тој го нарече Трамп „трансакционен лидер“, порачувајќи дека Македонија нема што да му понуди, бидејќи таквиот начин на водење политика се базира исклучиво на пари и ресурси.

„Делење на ум“ 

Веднаш по интервјуто реагираше отпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. 

„Пендаровски – човек кој два пати изгуби претседателски избори, после 10 месеци реши да се појави во јавност и да го напаѓа премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката на САД и претседателот Трамп. Пендаровски, кој иако вети, не се откажа од доживотна пензија на грб на граѓаните, го напаѓа претседателот на нашиот стратешки партнер број 1. Арогантно дели ,,ум” на светски лидери, а сам себе не се гледа. Стево троши пензијата, не се брукај , не ја руши позицијата на Македонија и дружи се со пријателите од Агенција за разузнавање додека можеш!“, вели Николоски во реакцијата. 

Тоа што Пендаровски јавно пласира навреди за САД и за нивниот новоизбран претседател, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, може да се смета и како имплицитен став на СДСМ, но и како слобода на говорот.

„Сепак, владата на секоја демократска држава, во случајов САД, е прашање на избор на американските граѓани и Пендаровски, без разлика што е близок со тимот на Сорос, нема право да го оспорува демократскиот легитимитет на претседателот и владата на САД, реагира Милошоски. Тој смета дека Пендаровским ако не може или не сака да ѝ помага на Македонија на меѓународен план, барем нека не ѝ одмага.