Спорт
Шкендија: Минутата молк беше испочитувана, но група поединци се однесуваше неодговорно

По настанот на фудбалскиот натпревар со Брера каде навивачите на тетовскиот клуб наместо минута молк за жртвите од Кочани, пееја песни за УЧК, се огласи фудбалскиот клуб Шкендија. Клубот се извини за однесувањето и нагласи дека ги почитува жртвите и нивните семејства.
„Шкендија со целосна одговорност ја следи и почитува секоја институционална одлука поврзана со чувствителните моменти за општеството. Како клуб, длабоко ја доживеавме трагедијата што се случи во Кочани, настан кој ја шокираше целата земја и емоционално влијаеше на нашиот секојдневен живот. Ова чувство беше присутно на секој тренинг во овие денови, а се одрази и на натпреварот против АП Брера, каде и покрај победата од 2-1 и одржувањето на првото место на табелата, тимот не ја доживеа вообичаената радост по натпреварот.
Во овој контекст, Шкендија ја почитува минутата молчење што Фудбалската федерација на Македонија ја воспостави во чест на жртвите. Сепак, во овој момент, група поединци на трибините избраа да не го почитуваат молкот, однесување кое не го претставува ниту клубот ниту навивачката база во целина. „Балистите“, кои вообичаено стојат на трибината на „Маршин Беќири“ зад голот, овојпат беа сместени на централната трибина. На стадионот имаше околу 3-4.000 гледачи, додека само група од околу 20 поединци покажаа неодговорно однесување, што не ги претставува чувствата, солидарноста и почитта на мнозинството присутни навивачи.„Балистите“ се 12. играч на клубот и отсекогаш биле нераскинлив дел од Шкендија, но неодговорното однесување на одредена група поединци не го отсликува ставот на навивачката група која моментално е во процес на реорганизација, ниту на останатата јавност која во тој момент реагираше со свирежи за изразување на незадоволството.
Шкендија изразува жалење за ваквата состојба и го повторува својот непоколеблив став во почит кон изгубените животи и болката низ која поминува целото општество“, напишаа од Шкендија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Анчелоти ќе го плати цехот за дебаклот од Арсенал

Карло Анчелоти нема да остане на клупата на Реал Мадрид. Оваа вест, ден по дебаклот во Лондон и поразот од 3:0 во дуелот со Арсенал, ја пренесоа бројни мадридски медиуми. Според овие извори само чудо може да го спаси Анчелоти, а тоа е да се освои или Лигата на шампионите или Ла Лига.
Ваквото сценарио е доста тешко во овој момент, бидејќи Арсенал победи со 3:0, а Барселона му бега на Реал на четири бода и го пречекува на 11 мај.
„Релево“, пишува дека Флорентино Перез веќе тргнал во нова офанзива по потписот на Чаби Алонсо.
Шпанецот ова лето беше прва желба на претседателот на Реал Мадрид, но тој реши да остане уште една сезона во Баер Леверкузен.
Сега ситуацијата е поинаква, се знае дека негов сон е клупата на Реал Мадрид и тешко дека повторно ќе може да му каже „Не“ на Флорентино Перез.
Да потсетиме, Реал Мадрид се уште може да го освои Купот на кралот, во финалето ќе игра против Барселона на 26 април, но овој трофеј не моѓе да ги задоволи клупските апетити.
Инаку, Анчелоти во вториот мандат освои две Лиги на шампиони, во 2022 и 2024 година, заедно со два трофеи во Ла Лига, Купот на кралот, СП за клубови и европскиот и шпанскиот Суперкуп.
Спорт
(Видео) Алекс Волкановски на УФЦ 314 ќе настапи со специјален македонски шорц

Легендарниот ММА борец Александар Волкановски долго време владееше со категоријата до 66 килограми во УФЦ, но во последно време не му оди толку добро во октагонот.
Поранешниот шампион претрпе три порази на последните четири дуели, а на последните два меча претрпе тешки нокаути, од Ислам Махачев и Илија Топурија.
„Волк“ сега има можност да се врати на победничките патеки, но задачата не е лесна. Тој ќе учествува во главната борба на УФЦ 314 настанот, а ривал ќе му биде Бразилецот Диего Лопез, кој се прослави во Мексико.
Волкановски (26-4) ќе има специјална опрема за настанот на УФЦ кој е закажан за претстојниот викенд.
На шорцот ќе ги носи боите и сомболите на три земји, татковината на Александар Австралија, како и земјите од кои 36-годишникот влече корени. Неговата мајка е со грчко потекло, а татко му по потекло од Македонија. Потекнува од село Беранци.
УФЦ 314 започнува во недела наутро во 04:00 часот по средноевропско време, а ќе се одржи во „Касеја Центар“, сала во Мајами каде што настапуваат и НБА франшизата Хит.
First look at Alexander Volkanovski in his custom shorts
@ufc #UFC314 pic.twitter.com/kr5utBbBx1
— Championship Rounds (@ChampRDS) April 8, 2025
Спорт
Динамо го отпушти Фабио Канаваро

Фабио Канаваро (51) повеќе не е тренер на Динамо Загреб. Не е познато кој ќе го води Динамо против Осиек во 29. коло од хрватскиот шампионат, во сабота.
Канаверо доби отказ по неполни три и пол месеци. Динамо му врачи отказ на третиот тренер сезонава. Сезона 2024/25. започна со Сергеј Јакировиќ, а потоа во септември беше заменет со Ненад Бјелица. Канаваро во Загреб пристигна на 29 декември минатата година. Потпиша договор со Динамо до летото 2026. Се претпоставува дека Канаваро во Динамо имал годишна плата од 1,5 милиони евра, а неговиот персонал 500 илјади евра годишно.
Италијанецот загуби со 3:0 од Истра во 28. коло, со што актуелниот шампион заостана осум бода зад лидерот Хајдук и седум бода зад Риека на осум кола до крајот.
Доколку не ја одбрани титулата, Динамо следната година нема да може да игра во Лигата на шампионите, што ќе претставува голем удар за буџетот на клубот.
Официјално буџетот на Динамо за оваа година е 67 милиони евра, а приходите од натпреварувањата на УЕФА требало да бидат околу 24 милиони евра. Без Лигата на шампионите таа сума ќе биде значително помала.
Во 14 натпревари со Динамо, Канаваро победи седум пати и имаше дури пет порази.