1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „први во редот“, до први со високи царини за извоз во САД

ДТЗ
3 април 2025

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп одлучи да и воведе на Македонија царини од 33 проценти, и покрај обидите на новата влада во Скопје да го зајакне стратешкото партнерство со Вашингтон.

https://p.dw.com/p/4scdr
Македонија САД Анџела Агелер Христијан Мицкоски
Високи царини за Македонија во САД: Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер и премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Pressebüro der Regierung von Nordmazedonien

Стратешкото партнерство со САД е зачинето со солени царини, по најновата одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на нови давачки кои не ја заобоколуваат ниту Северна Македонија. Трамп одлучи на земјата да ѝ воведе царини од 33%, што според неговите пресметки е половина од 65% македонски царини за американски производи увезени во државата. 

На тој начин „од први во редот“, жителите на Северна Македонија се соочија со тоа да бидат речиси први на листата со највисоки царини. Земјата којашто иташе да го фати „новото нормално“ и да биде меѓу првите коишто го запоседнале теренот, но и се нашле во „оптиката“ на САД, сега се најде во речиси ист кош со Кина, главниот економски конкурент на САД. За Кина е одредена стапка од 34% царини за производите извезени во САД. 

На списокот на Трамп се најде и Србија, која е највисоко рангирана во регионот, со царини од дури 37 проценти. Албанија и Косово поминаа најдобро во регионот - со минимални царини од 10% за извоз во САД. 

Што ќе донесе „новото нормално“ за Македонија? 

Ваквата одлука следи по интензивната дипломатска активност на македонската влада која за краток период, трипати ги посети Соединетите Американски Држави во надеж дека ќе ја зајакне соработката со новата американска администрација. 

Доналд Трамп
Трамп одлучи на Македонија да ѝ воведе царини од 33%Фотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Отворената поддршка и наклонетоста на македонската Влада кој администрацијата на Доналд Трамп наиде на критика кај опозицијата во земјата, којашто сметаше дека патувањата на премиерот во САД не носат ништо добро ниту за граѓаните, ниту за државата. Владата, пак, тврдеше дека станува збор за „историски успех“. 

„Создаваме навистина силни врски, пријателства кои што верувајте се многу значајни за иднината на државата“, изјави Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „360 степени”, по враќањето од инаугурацијата на Трамп. Посетата на Вашингтон ја оцени како историска, зашто што смета дека земјата „влегла во оптиката на новата администрација во Вашингтон“.

Според премиерот, „покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за земјата“. „Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинаква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион“, рече Мицкоски на 2 јануари во интервју за МИА пред посетата на САД, кадешто присуствуваше на инаугирацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. 

Христијан Мицкоски и соработниците на Трамп
Стратешкото партнерство со САД е зачинето со солени царини, по одлуката да се воведат нови давачки кои не ја заобиколија ниту Северна Македонија. фото: Мицкоски со соработници во САД, 07.07.2024Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Губиме или добиваме? 

По учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во февруари во Вашингтон, Мицкоски порача дека „полека, но сигурно, новото нормално ќе се шири, а од Вашингтон – ќе се наметне низ целиот свет, а Македонија е меѓу првите што „го запоседнува теренот“. 

„Запоседни го теренот па потоа кој и да дојде, втор, трет, се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања“, рече Мицкоски по третата посета на Вашингтон. На македонските граѓани им ја пренесе пораката дека „верува оти со контактите што ги имаат со најблискиот периментар на претседателот Трамп можеме само да добиеме, а не да загубиме“.

Во меѓувреме земјата застана и зад американската резолуција за Украина, одлучувајќи да биде коспонзор на резолуцијата којашто САД ја поднесоа во Генералното собрание на ОН со која се бараше брз крај на воениот судир меѓу Русија и Украина и зад која застанаа малцинство земји. Ваквата одлука предизвика лавина реакции. 

Македонија се понуди и дека ќе ѝ помогне на Америка, американскиот гас преку гасоводот „Јужен тек“ да дојде во Европа и да биде конкуренција за рускиот гас. „Затоа сме толку важни и стратешки партнер на САД“, оцени Мицкоски на 22 февруари во интервју на Конференцијата на конзервативците СРАС во Вашингтон. 

Слични пораки изминатиот период упати и шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, кој го продружуваше премиерот при неговите посети на САД. „Доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Сакаме да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат“, рече Муцунски минатата недела во гостувањето во Топ Тема на Телма телевизија.  

Бојкот на САД!