Банки
Шпаркасе Банка ја лансираше VibeOnEdu.mk – првата платформа за финансиска едукација за млади во земјата

Шпаркасе Банка ја претстави првата и единствена платформа за финансиска едукација во земјата, VibeOnEdu.mk – револуционерна иницијатива што им овозможува на младите бесплатно да стекнат финансиско знаење преку интерактивни онлајн курсеви. Нејзината мисија е да им помогне на младите да ја изградат својата самодоверба во управувањето со личните и со деловните финансии и да носат паметни финансиски одлуки во иднина.

Платформата содржи 15 внимателно осмислени курсеви, поделени во два главни модули: „Научи за себе“ (11 курсеви): покрива теми какви што се буџетирање, штедење и основи на инвестирање; и „Научи за својот бизнис“ (4 курсеви): вклучува упатства за изработка на бизнис-план, финансиско планирање и управување со бизнис-финансии. Секој курс нуди интерактивни лекции, проверка на знаењето преку квизови и сертификат за успешно завршување, што го прави учењето практично и мотивациско.

Платформата беше лансирана за време на настанот „Финансиска едукација за млади“ организиран од Шпаркасе Банка, каде што преку два инспиративни панели, врвни финансиски експерти ги споделија своите искуства и совети за младите, за менаџирање со личните финансии и за започнување сопствен бизнис. Дополнително, на настанот беше претставена новата стрип-брошура „Твојот вајб за финансии“ – практичен водич за секој млад човек што сака да научи како да управува со своите финансии и да го креира својот пат кон успехот.

„VibeOnEdu.mk ја изразува нашата заложба за поддршка на младите генерации. Веруваме дека финансиската едукација е основата за остварување успешни финансиски цели, па затоа создадовме проект што ќе остави трајни вредности за сите сегашни и идни генерации. Ги охрабруваме сите млади да ја искористат оваа единствена можност и да го направат првиот чекор кон подобра финансиска иднина“, изјави Ивана Петревска, директор на Дирекцијата за маркетинг и комуникации на Шпаркасе Банка.

Платформата е бесплатна, интерактивна и дизајнирана според потребите на младите. Шпаркасе Банка ги пресретнува потребите на младите луѓе, кои се основата на VibeOn семејството што брои повеќе од 35.000 млади лица. Во процесот на развивање на платформата, покрај експертскиот тим на Шпаркасе Банка, беа вклучени повеќе од 250 млади, кои директно придонесоа за нејзиниот визуелен изглед и структура, обезбедувајќи таа да одговара на реалните потреби на корисниците.
Со оваа иницијатива, Шпаркасе Банка поставува нови стандарди во поддршката за младите, овозможувајќи долгорочен позитивен ефект врз нивната финансиска едукација и успех.
ВерувајВоИднината #ТвојотВајбЗаФинансии #ВерувајВоСебе
Банки
Тројна победа за Халкбанк АД Скопје на Socialize Festival 2025!

Халкбанк АД Скопје уште еднаш ја потврди својата водечка позиција во областа на дигиталната комуникација, освојувајќи три престижни признанија на годинашниот Socialize Festival – настан кој го слави креативниот дух и иновациите во дигиталниот маркетинг.
Дигитален дизајн на годината за мобилната апликација Halk EZ, во соработка со Effectiva;
Најдобро кратко маркетинг видео за кампањата Fidesmo Pay, со креативната поддршка на актерот Сашко Коцев;
Најкреативна кампања на социјални медиуми за Start-Up Package, реализирана во соработка со агенцијата McCann Skopje.

Со оваа тројна победа, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата посветеност кон иновативни, кориснички ориентирани решенија и континуирана дигитална еволуција.
„Горди сме на нашите партнери и тимот кој стои зад овие успешни проекти. Продолжуваме да ги поместуваме границите на креативноста и дигиталната експертиза“, велат од Халкбанк.
Овие признанија се уште една потврда за стратегиската насоченост на Халкбанк кон дигитализацијата и современ и креативен пристап во комуникацијата со клиентите.
Банки
ЕЦБ размислува за ревизија на стратегијата за монетарна политика

Европската централна банка (ЕЦБ) разгледува потенцијална промена на својот пристап во спроведувањето на монетарната политика, со цел да овозможи побрза и пофлексибилна реакција на евентуални нарушувања во цените, пренесува „Reuters“, повикувајќи се на неименувани официјални лица вклучени во подготовките.
Раководниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) за првпат формално ќе дискутира за можна ревизија на стратегијата на неформална средба закажана за 6 и 7 мај во португалскиот град Порто. Средбата доаѓа во контекст на променливи глобални економски услови и зголемена потреба од приспособливост на политиките во еврозоната.
На агендата ќе бидат и резултатите од две работни групи кои работат на проценка на актуелната стратегија за монетарна политика, како и анализа подготвена од Комитетот за монетарна политика. Во комитетот членуваат водечки економисти од ЕЦБ и претставници на централните банки на земјите-членки на еврозоната.
Овој потег би можел да означи значаен пресврт во начинот на кој ЕЦБ пристапува кон поставување и прилагодување на своите монетарни алатки, особено во светло на неодамнешните инфлаторни предизвици и растечкиот притисок за одржување на ценовната стабилност во еврообласта.
Банки
Средба со заменикот на генералниот директор на ММФ: Силна и независна централна банка – клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност

„Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка.“ Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.
Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност, Народната банка одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања. „Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор“, истакна Ангеловска-Бежоска.
На средбата, посебен акцент беше ставен на последните геополитички случувања, коишто создаваат нова неизвесност во светската економија и на светските финансиски пазари. Беше истакнато дека во вакви услови, за малите економии отворени кон светот е особено важно водењето сигурни политики, создавањето простор за реакција на потенцијалните шокови и постоењето на силни институции. Токму во овој контекст, акцентот беше ставен на натамошното унапредување на законската рамка за Народната банка во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова придонесува за јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка и за зголемување на нејзината транспарентност и отчетност.
- Банкипред 2 недели
Шпаркасе Банка наскоро започнува со изградба на нова Централа во Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Колумнипред 2 месеци
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Интервјуапред 1 месец
Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА: Вклучувањето на Македонија во СЕПА отвора ново поглавје во меѓународните плаќања
- Бизниспред 1 месец
Награди за е-трговија: Ова се најдобрите за 2024 година!
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Силк Роуд Банка АД Скопје
- Банкипред 1 месец
“Сите врати се отворени” со промотивниот Потрошувачки пакет од ПроКредит Банка