На 24 октомври во 20 часот, во Центар Јадро во Скопје, ќе биде отворена првата, самостојна изложба на фотографии на Жарко Чулиќ, со наслов „Гравитација во пауза“. Изложбата ќе содржи 19 фотографии, распределени во пет групи во галерискиот простор на Центар Јадро. Делата се специјално изработени како скулптури и позадини во бои кои се менуваат.
Вашите фотографии, како и темата на оваа изложба е визуалната рамнотежа, како важен аспект за постигнување хармонија. Што ве инспирираше да работите на овој апсект и колку рамнотежата е важна во вашето секојдневие?
Во сложениот пат на животот, наоѓањето рамнотежа е уметност која бара внимателност и цврста посветеност. За мене, оваа рамнотежа станува уште поважна бидејќи креативноста често се натпреварува со секојдневниот живот. Во потрагата по тој баланс, ја нагласувам важноста од трпението и самосочувството. Креативноста низ периоди опаѓа и тие периоди на одмор и размислување се исто толку важни како и моментите на продуктивност. Охрабрувајќи се себеси да го прифатам процесот на креативност и да уживам во него, наместо да се фокусирам на крајниот резултат. Со ослободување од перфекционизмот и прифаќање на несовршеностите својствени на нашето креативно патување, можеме да се ослободиме од самонаметнатиот притисок и да најдеме радост во самиот чин на создавање.
Како се одвиваше креативниот процес, кога ги создававте фотографиите на оваа тема?
Оваа изложба ја подготвував многу долго време, а ја размислував уште подолго. Сè одеше многу полека и спонтано, не се форсирав и работев кога имав инспирација и време. Ми требаше скоро една година да ја завршам. Имаше периоди од неколку месеци кога и ја заборавав или не и се посветував воопшто, во недостиг на време и инспирација. Ова е моја прва самостојна изложба и си дадов време и простор да се развива самата. Интересно е дека скулптурите кои ги фотографирам, ги градам и создавам сам, тоа беше поголемиот предизвик од фотографирањето на истите. Делата се поигруваат со бојата, формата и текстурата. Изградени скулптури и позадини во бои кои се менуваат, форми создадени од предмети кои навидум лебдат во воздух и пркосат на гравитацијата.
Сте работеле модна фотографија, автор сте на фотографии со многу интересна визуелна нарација на ентериери и архитектура. Што е ваш најголем професионален предизвик и што уживате да фотографирате?
Луѓето кои ја следат мојата работа ме препознаваат по модната фотографија и портретите. Тоа го работам последните 15 години и уживам во работата со луѓе. Меѓутоа овојпат се решив за нешто поинакво, нешто ново и сакав да пробам да се изразам поинаку преку фотографијата, со еден малку поразличен уметнички израз. Како фотограф, се стремам кон постигнување визуелна рамнотежа во моите фотографии, но и секогаш. Таа е еден од основните принципи и мој предизвик кога фотографирам, заедно со контрастот, движењето, ритамот. Постигнувањето на визуелна рамнотежа бара внимание на секој од елементите во уметноста и како тие се поврзани еден со друг во составот за да се создаде визуелна рамнотежа.
Која е пораката што сакате да ја пренесете на посетителите на вашата изложба?
Да се ослободиме од перфекционизмот и да ги прифатиме несовршеностите. Да се ослободиме од самонаметнатиот притисок и современиот норматив за прекумерни достигнувања (кои неизбежно резултираат со продукција на истрошени и прегорени субјекти), и да најдеме радост во самиот чин на создавање, во неочекуваната и случајна средба во очуденото секојдневие. Токму затоа, низ овие фотографии се обидувам да ги реорганизирам и разлабавам предмети земени од секојдневниот простор и опкружување и истите да ги преуредам во една нова скулптурална и фотографска композиција, и на тој начин, преку фотографијата, да ги ослободам од нивната изабена функција.
На кој начин концептот на контраст и рамнотежа одекнува во едно современо општество?
Контрастот и рамнотежата во општеството постојано се одразуваат во фотографијата преку прикажување на различни аспекти на животот, како што се социјалната нееднаквост, културните разлики, убавината на природата и константното нејзино уништување. Фотографиите создаваат визуелни прикази кои ги истакнуваат овие разлики, додека истовремено покажуваат како тие коегзистираат и влијаат една на друга. Оваа динамика може да поттикне размислување за начинот на кој сите иако сме премногу различни, заедно сме дел од една поголема слика.