Достапни линкови

 
Од Украина до Пацификот: Администрацијата на Трамп се соочува со нови закани од кинеско-руското партнерство

Од Украина до Пацификот: Администрацијата на Трамп се соочува со нови закани од кинеско-руското партнерство


Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг за време на официјалната церемонија за пречек во Пекинг, мај 2024
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг за време на официјалната церемонија за пречек во Пекинг, мај 2024

Нападите на стратешките подводни телекомуникациски кабли во близина на брегот на Тајван не се нов феномен, но кога на почетокот на јануари еден кабел наводно бил пресечен од кинески брод северно од островот, тоа се вклопи во сè поизразениот образец на однесување.

Само неколку недели претходно, руски брод кој пловел под руско знаме го пресекол електричниот кабел меѓу Финска и Естонија во Балтичкото Море, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Тоа уследи по неколку слични инциденти на Балтикот со кинески бродови, вклучително и сечење на кабли со оптички влакна во ноември и оштетување на гасоводи во октомври 2023 година.

За Габриелиус Ландсбергис, кој беше министер за надворешни работи на Литванија до декември, серијата инциденти покажува како линиите на поделба меѓу западните и руските тензии околу војната во Украина се преклопуваат со кинеската агресија во Јужното Кинеско Море, каде Пекинг тврди дека има право на островот Тајван.

„Не треба да има сомнеж дека Русија стои зад овие инциденти на Балтикот“, изјави Ландсбергис за РСЕ за време на посетата на Тајван.

„Што се однесува до Кина, ако таа сака да го зголеми притисокот врз Тајван преку војна во сенка со сечење кабли, тогаш може да извлече лекции од Москва“, додава Ландсбергис.

Иако Кина дипломатски ја поддржува Русија од почетокот на нејзината инвазија на Украина, преку помагање на нејзината економија и зајакнување на воените напори со снабдување со технологија за двојна употреба, можноста за поголема координација меѓу Пекинг и Москва претставува нов предизвик за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Кина се обидува да создаде „нова нормалност“ околу Тајван. Целта на Пекинг е да ја намали тампон зоната меѓу нас и да ја олесни ескалацијата, доколку одлучи да го стори тоа“, изјави за РСЕ Чиу Чуи-ченг, министер на тајванскиот совет за односи со копното, тело кое управува со односите со Пекинг.

Последниот инцидент со кабелот е само последен во, како што вели Чиу, низа настани - од нови воени вежби кои симулираат блокада на островот до трикратно зголемување на случаите на сомнителна кинеска шпионажа - сите дизајнирани за да ја постават сцената за идни потези против Тајван.

„Ние не ги гледаме овие како несреќи, туку како стратегија“, рече тој, мислејќи на зголемениот број инциденти насочени кон подводната инфраструктура околу Тајван во последниве години.

Животот во „сивата зона“

Стравувањата од потенцијална кинеска инвазија се далеку од секојдневниот живот во зелениот и урбан главен град на Тајван.

Сепак, реалноста на променливата динамика полека се чувствува. За време на неговата кампања, Трамп рече дека Тајван не инвестира доволно во сопствената одбрана и покрена прашања за нивото на американската поддршка во случај на кинеска инвазија.

За властите на островот, тоа предизвика загриженост дека сечењето на подводните кабли како дел од операциите на таканаречената „сива зона“ - (термин што често го користат тајванските власти за хибридни тактики што го заплашуваат островот, но остануваат под прагот на отворена војна), дополнително ќе ја комплицира одбраната од кинеската агресија, доколку таа ескалира во директен напад.

Кина негираше вмешаност во оштетувањето на кабелот во јануари во Тајван, а истрагата за инцидентите во Балтичкото Море сè уште е во тек.

Додека овие инциденти со каблите ја истакнуваат ранливоста на критичната инфраструктура и тешкотијата за гонење на саботажа, аналитичарите предупредуваат дека тие се дел од вознемирувачкото ново безбедносно опкружување во области како Украина и Тајван, кое лесно може да ескалира во наредните години кога Трамп ќе ја преземе функцијата.

„Овие хибридни тактики што ги гледаме од Кина и Русија се дизајнирани да создадат поволни услови за нив, доколку се отвори можност за поголем потег. Исто така, се чини дека постои желба да му се сигнализираат црвени линии на Вашингтон кога Трамп ќе ја преземе функцијата“, изјави за РСЕ Сари Архо Хаврен, соработник во Институтот за кралски обединети услуги во Лондон.

Новото нормално

Додека Трамп вети брз крај на војната во Украина, се чини дека се зголемува ризикот од ескалација на тензиите меѓу Пекинг и Тајпеј до конфликт.

Американските власти со години предупредуваат дека Кина се подготвува за потенцијална инвазија на Тајван, точка што ја повтори и сенаторот Марко Рубио, кандидатот на Трамп за државен секретар, за време на сослушувањето во Сенатот на 15 јануари.

„Мораме да се соочиме со фактот дека доколку не се случи нешто драматично, како на пример постигнување рамнотежа (меѓу Кина и Тајван), кога ќе заклучат дека трошоците за интервенција се премногу високи, ќе мораме да го решиме ова прашање пред крајот на оваа деценија“, рече Рубио.

Дополнително на растечките хибридни инциденти и тензии е и засилената воена соработка меѓу Пекинг и Москва.

Неодамна кинески и руски бомбардери изведоа вежби во близина на Алјаска, заеднички поморски маневри во близина на брегот на Јужна Африка и борбени вежби во Јужното Кинеско Море.

Овие заеднички воени вежби се дел од шемата на повеќе од една деценија зголемена воена координација и еден од повидливите изрази на усогласување меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг, кои имаат заедничка желба да се спротивстават на Соединетите Држави.

Со поглед кон Украина, Тајван се подготвува за новиот мандат на Трамп
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:37 0:00

Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) забележа 102 заеднички воени вежби, мултилатерални воени маневри или патроли од 2003 година до крајот на јули 2024 година. Оттогаш, се одржаа уште четири вежби во кои учествуваа Кина и Русија.

Според податоците на ЦСИС нивните војски спроведувале најмалку четири, а најмногу 10 заеднички вежби годишно помеѓу 2014 и 2023 година. Во 2024 година биле одржани 11 заеднички вежби.

Креаторите на политиката на САД во последниве години постојано предупредуваа на ризиците од продлабоченото партнерство на Кина и Русија (од економска поддршка до растечка воена соработка) со еден извештај одобрен од Конгресот кој ја опишува нивната зголемена усогласеност како „најзначајниот стратешки развој во последниве години“.

„Како воен планер, мора да бидете подготвени за најлошото сценарио, што е значаен руско-кинески сојуз“, рече Елизабет Вишник, висок истражувач во Центарот за поморска анализа (CNA), кој ја проучува кинеската надворешна политика.

Заедно, овој тренд покренува тешки прашања за администрацијата на Трамп и другите американски претставници кои долго време размислуваат како да се справат со двете нуклеарни сили одделно.

Сега, сепак, тие мора да го планираат ризикот од соочување со двете сили истовремено, особено за да можат Кина и Русија да дејствуваат заедно во секој потенцијален иден конфликт во Европа или во азиско-пацифичкиот регион.

„Сè уште не е јасно како ова би се одвивало и ова не е вистински воен сојуз. Но, во рамката во која Пекинг и Москва сакаат да ја одржат својата соработка, таа расте“, заклучува Вишник.

XS
SM
MD
LG