• Горан Упале
Екипите на Милан и Интер без предност ќе влезат во полуфиналниот реванш дуел од Купот на Италија, откако во првото соочување одиграа без победник (1-1). Први до гол стигнаа фудбалерите на Серџо Консеисао, но шампионот одново покажа карактер и избегна пораз во третото овосезонско дерби против градскиот ривал.
- Извештај од натпреварот:
Двете екипи претпазливо го започнаа дербито на „Сан Сиро“, па затоа во првиот дел речиси и да немаше некое поголемо возбудување пред двата гола. По мирниот старт првата полушанса ја имаа домашните фудбалери, откако по една повратна топка Тео Хернандез биеше силно од шеснаесет метри, но недоволно прецизно за да донесе предност за својот тим.
Само неколку минути по шансата на францускиот бек, на спротивната страна Таму Абрахам спаси од гол-линијата, по ударот со глава на Де Фрај. До крајот на првиот дел видовме уште две шанси пред двата гола. Во 25. минута Рафаел Леао во свој стил се ослободи од директниот чувар, но биеше во добро поставениот Мартинез, додека во самиот финиш Мењан беше на висината на задачата, откако Фратези биеше со глава.
На полувреме мрежите мируваа во Милано, a само што започна вториот дел следуваше велемајсторски потег на Абрахам и водство на „росонерите“ од 1-0. Некогашната надеж на Челзи со мајсторски прием ја измами противничката одбрана и шутираше неодбранливо за Мартинез, за голема радост на трибините и предност на Милан.
Сепак, радоста на домаќините не траеше долго, затоа што некогашниот миленик на фановите на Милан, Хакан Чалханоглу во свој стил испрати „проектил“ од далечина и Интер израмни во 67. минута. До крајот на средата двете екипи имаа прилики за победа, но резултатот остана непроменет.
Реваншот, кој ќе го даде патникот во големото финале е закажан за на 24 април. Вчера, екипата на Болоња извојува убедлива победа на гости кај Емполи од 0-3, во вториот полуфинален пар од Купот на Италија.