Медиуми: Кинезите кои го градеа облакодерот што се урна во Бангкок, работеле и на бетонската настрешница што се урна на железничката станица во Нови Сад

Трагичниот колапс на облакодер во Бангкок, зад кој стојат истите кинески изведувачи поврзани со работите на железничката станица во Нови Сад, отвори нови прашања за безбедноста на кинеските проекти ширум светот. Додека Си-Ен-Ен и Телеграф детално ја истражуваат одговорноста на кинеските компании, Србија има причина со посебно внимание да ги следи случувањата поврзани со тој случај.

Додека безбедноста на железничката станица во Нови Сад и одговорноста на кинеските изведувачи од конзорциумот CRIC-CCCC, предводен од China Railway International Company, се уште се истражуваат во Србија, новата трагедија уште еднаш покрена лавина прашања за безбедноста и доверливоста на проектите што ги спроведуваат кинеските градежни компании ширум светот. 

Во прашање е уривањето на облакодер во Бангкок, чија изградба, според меѓународните медиуми, и е доверена на компанијата China Railway Number 10 Engineering Group – поврзан субјект на државната корпорација што работи и во Србија.

Несреќата во Тајланд уште еднаш отвори важни прашања - дали градежните стандарди и процедури се доволно ригорозни и транспарентни и какви поуки може Србија да извлече од ваквите трагедии кога станува збор за ангажирање странски компании, особено оние со голем удел во српскиот градежен сектор.