Македонија
(Видео) Јанчев: Ако може за пратениците плата до петти во месецот, тогаш може и за работниците – власта го одби и овој предлог на Левицата

На вчерашната седница на Собранието, покрај Предлог-законот на партијата Левица за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен, на Дневен ред се најде и уште еден предлог на Левица – за исплата на платите до петти наместо до петнаести наредниот месец.
„Ако може за нас, пратениците, платата да се исплаќа до петти во месецот – тогаш треба и за сите останати кои нѐ избрале да им се исплаќа до петти“, потенцираше Јанчев од Левица во своето излагање.
„На банките не им е грижа дали луѓето кои отплаќаат рати за кредити земаат плата на 15-ти во месецот или подоцна – парите за рата мораат да легнат на банкарските сметки без разлика дали некој зел плата или не. Имајќи предвид дека во Македонија е тешко да се заштеди дел од претходната плата – граѓаните се ставаат во неповолна ситуација и неретко мораат да се задолжуваат“, образложи пратеникот.
„Исто така, сопствениците на становите, при наплата на кирии, не ги интересира дали платата се исплаќа на 15 или 20 во месецот. Дополнително, и роковите на некои месечни сметки за тековни трошоци не се поклопуваат со земањето на платата доцна во месецот, па така, неретко на сметките се појавува и заостанат долг и се засметува камата на истиот“, истакна Јанчев.
Ниту овој предлог на пратеничката група на Левица владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше и истиот не помина, велат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Чучер Сандево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 13:00 часот, објектите на Полициската Станица и базата на БППЗ во Ѓорче Петров, општина Ѓорче Петров;
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од нас. Кисела Јабука, општина Ѓорче Петров;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Побожје, Бродец, Танушевци, Брест и Малино, општина Чучер Сандево;
· од 11:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Кадињача, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 27 степени

Утрото ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредниот период
Во четврток попладне и во петок ќе има услови за локален краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува умерен северен ветер. Во деновите од викендот ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност, а од почетокот на следната седмица се очекуваат повремени врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Партиите од ВЛЕН отсега ќе делуваат како еден политички субјект

Коалицијата ВЛЕН известува дека „денес е направен првиот чекор кон целосно политичко обединување, со заедничка визија и обединета структура, како единствена сила што ја претставува надежта, достоинството и иднината на Албанците во оваа земја“.
„На денешниот состанок беше формирано Заедничкото Претседателство на ВЛЕН, како прв орган што ќе ги координира сите политички и организациски активности на коалициско ниво.
Од денес стапува во сила мораториум на јавните активности на политичките партии учеснички во ВЛЕН, при што сите активности и настапи ќе се реализираат исклучиво под името, логото и единственото претставување на ВЛЕН.
Во наредниот период ќе се формираат и другите заеднички органи, вклучително и Раководството на ВЛЕН и Шефот на Изборниот штаб, кој ќе ја води подготовката за претстојните избори.
Пратеничката група на ВЛЕН ќе продолжи да функционира со актуелните пратеници кои го поддржуваат процесот на обединување и се посветени на јакнење на заедничкиот глас на Албанците“, велат од ВЛЕН.