Распоредот на фудбалските мечеви понекогаш прави да има пеколно темпо за фудбалерите. Многу е напорно да се следат сите мечеви кои се на распоредот, а тоа што во следниов период ги очекува некои од фудбалерите на Манчестер сити е неверојатно.
Како што наведува Manchester evening news, ова се однесува на Едерсон и Савињо, а можеби и на Клаудио Ечевери и Витор Реис, кои во текот на летото би можеле да одиграат десет натпревари на три континенти откако ќе поминат околу 26.000 километри.
„Сите четворица реално би можеле да се појават на последниот натпревар на Сити во Премиер лигата против Фулам во недела, на 25 мај. Потоа, Бразил и Аргентина имаат натпревари 10 дена подоцна, закажани за 4 и 9 јуни. Ако не се повредени, Едерсон и Савињо сигурно ќе бидат повикани во националниот тим и клубот“, се наведува во текстот на англискиот весник.
Бразил ќе патува за Еквадор, а потоа ќе биде домаќин на Парагвај во квалификациите за Светското првенство. Дуото на Сити потоа би требало повторно да се врати на клупските обврски, и тоа за Светското клупско првенство кое започнува на 14 јуни и ќе трае до 13 јули. Првиот натпревар на Сити е на 18 јуни против Видад АС. Доколку Сити отиде до крајот во натпреварувањето, Едерсон и Савињо би можеле да одиграат 10 натпревари за седум недели на три континенти.
По направените пресметки, патувањето од Обединетото Кралство до Еквадор, а потоа до Бразил би било околу 13.000 километри. Потоа следуваат малку повеќе од 6.000 километри до Филаделфија, каде што Сити ја започнува својата кампања на Светското клупско првенство, а преостанатите два групни натпревара ќе вклучуваат дополнителни 2.000 километри патување.
Максималното растојание кое Сити би можело да го помине за да стигне до финалето би било малку повеќе од 4.000 километри. Тоа би значело вкупно патување од речиси 26.000 километри низ 10 временски зони.