Насилникот кој тепаше бремена жена е уапсен, па ослободен, жртвата не поднесе предлог за кривично гонење
Пред камера во живо 35 годишен маж од Радовиш ја тепа, навредува и понижува својата бремена партнерка. Вознемирувачкото видео кое од вчера кружи на социјалните мрежи ја згрозија македонската јавност.
Од полицијата велат дека мајката на жртвата кај нив во неделата го пријавила нападот. Насилникот бил уапсен, но истиот бил ослободен дента, а жртвата изјавила дека не сака да поднесе предлог за кривично гонење. Во меѓувреме обвинителството против насилникот има поднесено кривична пријава за кривично дело телесна повреда. Дополнително ќе се испитува дали постои основ за задржување на лицето.
- Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон.
А насилството е се поприсутно оти најчесто жртвите се откажуваат од гонење на насилникот. Причината е страв и несигурност како понатака да продолжат да живеат со брачниот партнер- насилник, велат од невладиниот сектор.
Од Националната мрежа против насилство врз жените, дел од решението го гледаат во обезбедување на советувалишта, шелтер центри како и психолошка поддршка на жените - додека траат кривичните гонења и судските постапки против насилниците.
Полициските билтени зачестија со содржини со насилници кои дигаат рака врз своите сопруги.Статистиките говорат дека жените се жртви на семејно насилство во 79% од случаите. Бруталноста оди дотаму што ваквиот вид насилство, насилниците го пренесуваат и во живо на социјалните мрежи.