Американското министерство за образование отпушти половина од своите вработени како можна најава на неговото целосно укинување. Отпуштањата се дел од „финалната мисија“ на министерството, беше наведено во соопштението за медиумите, со што се алудираше на ветувањето на Доналд Трамп дека ќе го укине ресорот.
Ова министерство надгледува заеми за колеџи од 1,6 трилиони долари, ги спроведува законите за граѓански права во училиштата и обезбедува федерални средства за сиромашни окрузи.
Запрашана од „Фокс њуз“ дали отпуштањата водат кон целосно растурање на министерството, министерката за образование Линда Мекмахон одговори:
„Да, тоа беше ветувањето на претседателот Трамп“.
Министерството имаше 4.133 вработени во јануари, а сега ќе останат 2.183.
Ова е дел од напорите на Трамп да ја намали администрацијата. Одделот за владина ефикасност предводен од Илон Маск досега отпушти повеќе 100.000 федерални работници, замрзна најголем дел од американската странска помош и откажа илјадници програми и договори.