Обвинителството ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за Александар Карадакоски

Обвинителството ја запира истражната постапка што се водела против Александар Карадакоски, формален управител на фирмата која управувала со дискотеката „Пулс“, откако тој утринава им подлегнал на повредите од трагичниот пожар кој се случи на 16 март во Кочани.

Со неговата смрт бројот на жртвите во страотниот пожар се искачи на 60, а бројот на осомничени се намали на 33 лица. Денешниот состанок на стручниот колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав започна со минута молк за настраданите во трагедијата во Кочани. Од таму уверуваат дека сите капацитети на Јавното обвинителство се ставени на располагање на тимот за ефикасно завршување на истрагата.

– Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него, велат од ЈОРМ.

Истрагата за пожарот што ја водат 11 обвинители е во тек. Досега со истражните дејствија се сослушани околу 300 сведоци и се опфатени 33 лица. На 21 лице им е одреден ефективен затворски притвор од 30 дена, додека тројца осомничени добија куќен притвор. Инаку, за вистински сопственик на т.н. дискотека „Пулс“ се смета Дејан Јованов, во чиј дом, возило и два угостителски објекти во рамки на истрагата беа извршени претреси.