Вечерва во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, со почеток во 21:00 часот, ќе имате можност да го проследите концертот на Зарина Првасевда.
Зарина Првасевда е македонски артист и вокален изведувач, кој исполнува македонска и светска традиционална музика. Минатата година беше победничка на UpBeat – Best New Talent Award 2023, на интернационалната UPBeat платформа. Во 2022 година го издаде својот прв албум „ЕХО“, отпеан на четири јазици, за најголемата издавачка куќа на Балканот – Croatia Records, а тој го освои деветтото место на Балканската светска музичка листа како еден од најслушаните светски музички изведувачи во третиот квартал на 2022 година. Бележи незаборавни концерти во Унгарија, Франција, Норвешка, Белгија, Хрватска, Бугарија, како и концерти низ Македонија (Скопје, Велес, Кочани, Битола, Прилеп, Штип, Кичево, Дојран и др.).
Присуството е со влезници и со резервации на 070 391 100. Влезниците се достапни на www.literatura.mk и во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.