Вардар по шест години пак е силен, има серија за почит со Седлоски!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е екипата со моментално најдобра форма во домашниот фудбал. Осум меча тимот на Гоце Седлоски не знае за пораз, а кога последен пат го направи тоа како член на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), стана шампион на Македонија.

Имено, оваа серија е втора најдолга без пораз во последната деценија во тимот на ФК Вардар. Онаа која е рекордна во поновата историја ја оствари Вардар на Александар Васоски, кој во сезоната 2019/20, на 12 натпревари по ред не знаеше за пораз. Тогаш, Вардар на Васоски немаше пораз од 18 август, до крајот на месец октомври, кога испадна од Шкендија во Купот на Македонија со пораз од 0-1.

Во таа низа, тимот одигра мечеви со Борец (0-0), Работнички (2-0), Ренова (1-0), Струга (3-0), Шкупи (2-1), Силекс (3-0), Академија Пандев (1-0), Шкендија (0-0), Македонија ЃП (1-1), Борец (2-0) и Работнички (2-0) во Првата лига, додека во Купот на Македонија, тимот славеше над Саса (2-0) и ремизира со Шкендија (1-1), пред поразот во Тетово и елиминацијата, што значеше и крај на низата.

Под водство на Гоце Седлоски, кој ја најде формулата за успех и се памети како најдобар тренер во поновата историја на Вардар, тимот ги победи Брера (2-0), Пелистер (3-1), Работнички (2-0), Силекс (1-0) и Струга (2-0), а ремизира со Шкендија (1-1), Силекс (1-1) и Беса 1976 (0-0).

За Вардар следен натпревар е во Купот на Македонија против Брера. Тоа е на 9 април. До крајот на месецот, тимот го чекаат дуели со Тиквеш, Воска Спорт и Беса во лигата, како и уште еден меч со Брера како реванш во Купот. Доколку Вардар остане непоразен на сите овие средби со тимови кои се директни конкуренти во борбата за опстанок, Седлоски ќе постави рекорд во поновата историја на „црвено-црните“.