Вештачка интелигенција како психијатар?

Имате некој проблем и не можете да го решите? Сте се обиделе ли да ја прашате вештачката интелигенција што да правите?

Кога зборуваме за АИ, во случајов мислиме на јазичните модели како ChatGPT, Claude, Gemini и други. Се разбира, со АИ треба да постапувате внимателно, секој совет да го земете со резерва и да испитате и други извори. Но, како за почеток, како нешто што ќе ви даде импулс да се мрднете од нулта точка секако може да помогне.

АИ може да ви препорача книги кои ќе ви дадат повеќе информации за конкретниот проблем или активности (физички, социјални или интелектуални) кои ќе ви помогнат додека сте на патот на самоподобрувањето.

Анализа на соништа?

Сонувавте нешто и сакате да знаете што тоа сака да ви порача потсвесното? Обидете се со АИ. Прашајте ја да ви го анализира сонот од аспект на Сигмунд Фројд, Карл Јунг или Ерих Фром, некои од попознатите психијатри кои ја користеле анализата на соништата во нивните теории и пракси. Ќе се изненадите. АИ не само што ќе се обиде да ги најде симболите во вашиот сон, туку ќе се обиде и да разјасни (според психоаналитичката теорија) што тоа вашето несвесно сака да ви каже.

АИ не е паметна, од аспект на човечка интелигенција, никој не го тврди тоа, но таа има способност да интегрира разни бази на знаење на начин кој може да биде корисен. Може да ги поврзе логички нештата и да ви даде совет заснован на илјадници книги и статии, стотици години различни идеи од историјата на човечката мисла. Тоа не е мала работа.

Што ако АИ ви даде грешен одговор или совет?

Секој совет кој ќе го добиете од пријател, роднина или професионалец, може да е точен или грешен. Што е уште полошо и точен совет за еден човек може да е грешен за друг, или да премине од една во друга категорија зависно од времето или условите кога е даден. Истото важи и за АИ. Работите не се толку едноставни. Битно е човек да се обидува да најде решение. А барањето совет од АИ може да биде добар почеток.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *