Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најавува јавна седница во среда, во 12:05 часот, пред Работнички дом.
По седницата, учесниците ќе продолжат до Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе испратат пораки како „Не може да има за пратениците, а да нема за работниците!“, „Подадената рака на работникот денес, може лесно да стане стисната тупаница утре!“ и „Не може да се одлучува за нас, без нас!“.
„Пратениците во Собранието избрани од работниците да го предложат и гласаат предлогот на ССМ за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, како и зголемување на сите останати плати во приватниот сектор со зголемувањето на минималната плата. Да не гласаат Закони со кои се намалуваат работничките права на штета на работниците, онака сложно како што не гласаат Закони за намалување на нивните привилегии“, се вели во соопштението.
Седницата се одржува по одлука на Претседателството на ССМ, со цел да се изрази јавното мислење за заштита на работничките права и правото на синдикално организирање.
ССМ бара зголемување на минималната плата за 6.000 денари и зголемување на платите во приватниот сектор. Тие ја повикуваат Владата и Стопанската комора да го прифатат предлогот и да ги зголемат платите за задржување на работниците во земјава.
„Владата да застане на страна на работниците, да престане да одлучува еднострано на штета на работниците, да го почитува социјалниот дијалог и да ги запре нападите кон синдикатите и обидите да се замолчат работниците. Владата како најголем работодавач, да ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор за јавен сектор, гранските колективни договори, колективните договори на ниво на работодавач, како и да ги усогласи со минималната плата согласно посебните закони“, стои во соопштението од ССМ.