Во Македонија годишно има 3.583 животи смртни случаи поради изложеноста на тековниот квалитет на воздухот (пресметките се однесуваат на периодот 2020-2022), што претставува 16,1 % од вкупната смртност, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Она што задолжително треба да се потенцира е фактот што проценките во овој извештаен период (2020-2022) не се споредливи со претходните години заради ефектите и појавата на ковид-19 пандемијата. Ова особено се однесува на 2021 година, кога беше регистрирана највисока стапка на смртност“, стои во извештајот.
Според Институтот, влијанијата врз здравјето и оптоварувањето со болести заради аерозагадувањето со суспендирани честички во Македонија, вклучително и економските загуби и трошоци поврзани со предврементата смртност заради аерозагадувањето, се значителни.
„На надминувањето на ажурираната гранична вредност од ЕУ Директивата за квалитет на амбиентен воздух од 10 µg/m3 се припишува 10,9 % од вкупната смртност (5,4 % ако се пресмета според индикативната гранична вредност од 20 µg/m3). На надминувањата на новата гранична вредност на Упатството на СЗО се припишуваат 13,6 % од вкупната смртност. Оптоварувањето со болестите, како што и е очекувано, значително се зголемува меѓу возрасната група на население 65 и повеќе години во однос на смртноста од сите причини, но и специфичната смртност заради исхемичните срцеви болести и мозочен удар, со најголем ефект врз возрасната група 75-79 години. Тековното надминување на пресечната вредност од 10,0 µg/m3 РМ2.5, доведува до 88 смртни случаи заради рак на бели дробови што изнесува 10,7 % од вкупната смртност заради овој малигном“, вели извештајот.
Проценетите економски загуби и трошоци, според Светска Банка (СБ) изнесуваат 5,2 % до 8,5 % од бруто националниот производ во 2016 година. Оттаму, постигнувањето на граничните вредности од стандардите на ЕУ и Упатството на СЗО за ситни честички (ПМ2.5) во амбиентниот воздух, во ЕУ-27 би донел значајни потенцијални придобивки е заклучокот на СБ, но истото се однесува и на Македонија. ИЈЗ вели дека секогаш треба да се има во предвид е дека оваа атрибутивна смртност (и општа и специфична) е високо превентабилна.
„Пристапот до податоци од виталната статистика (смртноста) е значително подобрен во последните години. Сепак, потребна е уште подетална дисагрегација на податоците (на едногодишни возрасни групи на население или пак дневна статистика за смртноста), за да можат да се спроведат студии кои ќе ги анализираат ефектите на краткотрајната изложеност на загаден воздух. Оваа препорака се однесува не само на Државниот завод за статистика туку и на институциите на системот кои агрегираат податоци, приоритет на кој што треба да се стави посебен акцент. Јавното објавување на податоците кои ги агрегираат, отворениот пристап до нив, или нивно навремено доставување до барателите во соодветен формат и дисагрегација, ќе овозможат генерирање на национални студии и тело на докази за овој значаен и приоритетен еколошки и јавно-здравствен проблем. И оваа година останува заклучокот дека наодите од ваквиот тип на национални анализи, процени и студии кои се фокусираат на бројот на загубени животи (предвремена смртност) заради изложеност на тековните нивоа на загадување на амбиентниот воздух, треба да бидат основа за креирање на целни политики, планови и акции со кои ќе се намалат не само концентрациите на загадувачките материи (суспендираните честички пред сè), туку и загубите во однос на човечки животи, скратување на очекуваното траење на животниот век и квалитетот на животот воопшто“, стои во препораките од Институтот за јавно здравје.