Левица бара и други актуелни функционери да бидат осомничени за трагедијата во Кочани, освен сега веќе екс-градоначалникот Љупчо Папазов. За партијата е скандалозно што директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски е целосно изземен дури и од, како што велат, морална одговорност, особено после податоците дека повеќе од половина угостителски објекти работеле без или со истечена лиценца.
Левица прашува дали министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ги штити директорите како Стојковски, затоа што, како што велат, доаѓаат од неговата партија.
-Не може и не смее да се амнестира одговорноста на актуелните функционери, особено во контекст на ваква незапамтена трагедија. Директорот на ДПИ Влатко Стојкоски најпрво треба да понесе морална одговорност и самиот да си поднесе оставка, а потоа, органите на прогонот низ непристрасна и објективна истрага да утврдат дали има и кривична одговорност кај директорот на Пазарниот инспекторат, велат од Левица.
Министерството за здравство информира дека тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден пациент во Шведска. Согласно протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор.
Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и Полска по еден пациент.
Основниот суд Кочани им одреди 30-дневен притвор на 31 од вкупно 34 осомничени лица опфатени во истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 беа повредени.
Меѓу приведените се и тројцата градоначалници на Кочани, кои се опфатени во постапката: актуелниот градоначалник во заминување, Љупчо Папазов, како и неговите претходници, Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Димитровски е поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека Илијев доаѓа од СДСМ. Папазов, исто така член на ВМРО-ДПМНЕ, беше повикан на информативен разговор ден по трагедијата (16 март), но тогаш беше пуштен без дополнителни мерки. Тој подоцна поднесе неотповиклива оставка од функцијата.