Регион
Австрија и Германија воведоа забрана за влез на Милорад Додик

Австрија и Германија воведоа забрана за влез на водачот на босанските Срби, Милорад Додик. Покрај него, забраната важи и за двајца други политичари од Република Српска, изјави австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер (НЕОС) во Сараево, каде што се сретна со германската државна секретарка за европски прашања Ана Лирман, пренесува „Die Presse“.
Забраната се однесува и на претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ и Радован Вишковиќ.
Мајнл-Рајзингер во Сараево престојува до петок. Планира да се сретне со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ и со високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Мајнл-Рајзингер ќе се сретне и со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто. Планирана е и посета на силите на ЕУФОР во кампот Бутмир.
Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за Додик и Стевандиќ откако тие ја преминаа државната граница додека по нив беше распишана внатрешна потерница, потсетуваат тамошните медиуми. Судот на Босна и Херцеговина го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево. Меѓутоа, тоа барање беше одбиено. Додик потоа отпатува за Израел, па за Москва.
Дополнително, граничната полиција на БиХ спроведува истрага за тоа како Додик ја преминал границата, со оглед на тоа што има информации дека делегацијата под ротации без задолжително застанување, го минала граничниот премин Рача, според написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трамп затвора 30 амбасади и конзулати, меѓу кои и тие во БиХ

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да затвори речиси 30 амбасади и конзулати во странство како дел од значајната промена во дипломатското присуство на Америка во странство, според внатрешен документ на Стејт департментот, објави Си-Ен-Ен.
Во документот се препорачува затворање на 10 амбасади и 17 конзулати. Списокот ги вклучува амбасадите во Луксембург, Лесото, Република Конго, Централноафриканската Република и Јужен Судан, како и Малта. На списокот има и пет конзулати во Франција, два во Германија, два во Босна и Херцеговина, еден во Обединетото Кралство, еден во Јужна Африка и еден во Јужна Кореја.
Во случајот со Босна и Херцеговина, тоа се конзулати во Мостар и Бања Лука.
Во документот се предлага работите на затворените амбасади да ги покриваат филијали во соседните земји. Администрацијата на Трамп досега номинираше кандидати за амбасадори само за две амбасади кои се препорачани за затворање – Малта и Луксембург.
Амбасадите и конзулатите служат како важни пунктови за Стејт департментот. Тие обезбедуваат услуги како што се обработка на визи и помош за американските граѓани на кои им е потребна. Тие исто така собираат информации што се испраќаат до Вашингтон.
Регион
Осумгодишно момче падна од зграда во Сомбор

Осумгодишно момче паднало од четвртиот кат на зграда во Сомбор по што со тешки повреди било пренесено во болницата во Нови Сад.
Според информациите на регионалните медиуми, момчето родено 2017 година паднало од терасата на станот на четвртиот кат, најверојатно поради навалување, но ова, според написите, не е официјално потврдено.
„Детето паднало на лимениот покрив од зградата, кој се наоѓа на приземјето од зградата“, изјавил извор од истрагата.
Момчето, на кое му биле дијагностицирани тешки, животозагрозувачки повреди, по несреќата, веднаш било пренесено во здравствениот центар во Нови Сад.
Момчето е во многу сериозна општа состојба, пренесува „Блиц“. Сместено е на Институтот за здравствена заштита за деца и млади на Војводина, на одделот за интензивна нега на Детската хирургија.
Регион
Аљбин Курти поднесе оставка од функцијата премиер на Косово

Премиерот на Косово, Аљбин Курти, денес поднесе оставка од функцијата премиер, а својата одлука ја објави преку писмо испратено до Секретаријатот на Собранието на Косово.
Оставката следува по почетокот на постапката во рамките на конститутивната седница на деветтото свикување на косовскиот парламент, која се одржува во Собранието, каде што пратениците ќе положат заклетва и ќе изберат нов претседател на Собранието, како и потпретседатели.
Според законите на Република Косово, секој што ќе стане член на парламентот и претходно имал извршни функции во владата, како, што се, премиер, министри или заменик-министри, е должен да поднесе оставка од своите позиции за да го преземе парламентарниот мандат.
Курти му ја поднесе својата оставка на функцијата премиер на претседателот на Собранието и истакна дека неговата одлука е донесена за да може да положи заклетва како пратеник во новото свикување на Собранието на Косово.