Притвор за “бодигардот“ на премиерот Мицкоски
Педесет илјади евра - толку, според обвинителството, сакал да заработи телохранител на премиерот Христијан Мицкоски со државна тајна во ранец. Ангел Самараков полициски службеник од Велес и член на обезбедувањето на премиерот е уапсен под сомнение за оддавање службена тајна.
Апсењето е дел од акција на Обвинителството за организиран криминал, во координација со МВР. На 30 март, доцна вечерта, Самараков бил фатен во БМВ пред хотел во Велес, заедно со уште едно лице Б.К. Во возилото ранец полн со службени документи од МВР, кои според Обвинителството, ги покажувал на трети лица. За сè тоа барал пари.
"Mу дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите.“
Според неофицијални информации од полициски извори до кои дојде ТВ 24, акцијата ја спровел Одделот за внатрешна контрола на МВР што укажува дека мета бил токму полицаецот. Второто лице што било затекнато со него не е вработено во МВР, што, според полициски извори, значи дека претходно постоеле сознанија за незаконско постапување од страна на службеникот. Дополнителни претреси се вршеле на повеќе локации.
„При извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода.“
Од Владата тврдат: безбедноста на премиерот не е загрозена.
"Истрагата е во тек. Ова е првпат во историјата на државата да биде уапсен човек од обезбедувањето на премиерот."
Но опозицијата прашува: дали Самараков делувал сам – или по налог?
Реагира и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Велат – наместо СДСМ да ја поздрави акцијата, се впушта во политиканство.
Додека јавноста бара одговори за содржината на доверливите документи, но и за процесот на избор на луѓето кои го штитат најмоќниот човек во државата, Самараков доби 30-дневен притвор. Самараков е спроведен во истражен затвор, а Обвинителството продолжува со прибирање на докази. Нашите извори отркиваат дека претреси се извршени ште кај двајца полициски службеници. Останува да се утврди дали осомничениот делувал сам или како дел од поширока мрежа.