Со натпреварот кој се одигра вечерва во спортската сала “Боро Чурлевски“ во Битола за екипата на на Еурофарм Пелистер заврши оваа сезона во Лигата на шампиони, а за публиката од Битола и околните градови заврши уживањето “во живо“ да ги гледаат најголемите европски екипи и светските ракометни ѕвезди.Како и се очекуваше по победите над Динамо Букурешт и Алкалоид во Битола салата беше преполна, а одличната ракометна атмосфера беше најевена уште пред некој ден кога објавивме дека салата е распродадена.
А оние кои беа денес во “Боро Чурлевски“ имаа прилика да уживаат во играта на двете екипи, да се радуваат на головите и одбраните на ракометарите на Еурофарм Пелистер но и да им упатат аплауза на победниците, екипата на ПСЖ од Париз.
Секако најголема ѕвезда беше французинот Пранди, кој по завршувањето на натпреварот направи стотина селфи фотографии со младите, но и повозрасните битолчани кои веднаш се пофалија со фотографиите на социјалните мрежи.Гужва беше пред службениот влез, стотици битолчани ги чекаа ѕвездите на ПСЖ, а така беше и пред автобусот со кој заминаа од Битола.
Сезона за паметење во Битола, ги гледавме покрај ПСЖ, Фуксе Берлин, Висла, ПИК Сегед, Фредериција, Спортинг, Веспрем, Динамо Букурешт.
Останува желбата Еурофарм Пелистер да биде повторно шампион на Македонија и идната ракометна сезона да бидеме дел од Лигата на шампиони…
А според тоа што имаме најполна сала во Битола, а за ракометна атмосфера и да не зборуваме повеќе, битолчани тоа и го заслужуваат.
Фото: Дамијана Ристевска и Сашо Ристевски