Лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека истрагата за трагедијата во Кочани се води селективно поради, како што вели, најодговорните во МВР кои имале ингеренции не преземале дејствија. Во таа смисла, партијата дискутирала на Извршниот одбор и донеле заклучок дека ќе ја следат истрагата и во даден момент, доколку тенденцијата ќе продолжи, ќе побараат Анкетна комисија и сите други механизми на располагање.
-Моментално даваме поддршка на институциите за да се води истрагата, рече Филипче на прес-конференција.
Претседателот на најголемата опозициска партија изјави дека се уште немаат разговори со други политички партии, надвор од нивната коалиција, во пресрет на локалните избори.
За протестот на ССМ во однос на минималната плата, Филипче рече дека го поддржува, но дека како партија не стојат зад него и не се организатори. Вели дека тоа се автентични протести на работниците, имајќи ги во предвид нивните барања.
-Апелирам Владата да излезе во пресрет на барањата на работниците. Платите се ниски, цените се надвор од контрола и луѓето не можат да преживеат. Рационално е барањето за 500 евра минимална плата. Може и законот да се измени за да се излезе во пресрет на барањата, кажа лидерот на СДСМ.
За случувањата во владината коалиција и несогласувањата во ВЛЕН, Филипче одговори дека гледа различни пораки и различни коментари.
-Не би коментирал релации во друга коалиција. Не ги знам односите меѓу нив и тешко може да се предвидат како ќе се движат. Факт е дека Владата нема добар перфоманс во спроведувањето на реформската агенда во делот на правосудството, кажа претседателот на СДСМ.