29 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветски реакции за американските царини: Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе...

Светски реакции за американските царини: Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе ширум светот

Реакции од целиот свет доаѓаат откако Доналд Трамп ги објави новите глобални царини.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека „последиците ќе бидат ужасни за милиони луѓе ширум светот“ и додаде дека Европа го финализира својот прв пакет одговори на царините за челик, пренесува Би-би-си.

Кина вети „решителни контрамерки“ како одговор на потегот.

Премиерот на Канада Марк Карни изјави дека „од суштинско значење е да се дејствува решително и силно“.

Италијанката Џорџа Мелони ги нарече американските царини „погрешни“ и предупреди дека тие можат да предизвикаат трговска војна.

Австралискиот премиер Ентони Албанес рече: „Ова не е потег на пријателство“.

Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја Хан Дук-су изјави дека „глобалната трговска војна стана реалност“.

Во Република Ирска, Мишел Мартин рече дека не гледа „никакво оправдување“ за наметнување тарифи.

Швајцарката Карин Келер-Сатер рече дека земјата „брзо ќе одлучи“ за нејзините следни чекори.

„Сеопфатните нови царини што ги објави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа разочарување, закани за контрамерки и повици за понатамошни преговори за да се направат поправедни новите трговски мерки, но одговорите беа измерени, што покажува дека клучните американски трговски партнери немаат апетит за отворена трговска војна со најголемата светска економија“, пишува агенцијата АП.

Индиското Министерство за трговија соопшти дека ги проценува најновите американски царини и дека индиската влада се обидува да ги забрза преговорите за трговски договор со САД за потенцијално да добие некои отстапки и да го намали влијанието на повисоките увозни давачки.

Договорот, чиј прв дел треба да биде воспоставен до есен, ќе има за цел да им овозможи на двете земји да ја поттикнат трговијата, инвестициите и трансферот на технологија, покрај продлабочувањето на интеграцијата во синџирот на снабдување, се вели во соопштението.

„Остануваме во контакт со администрацијата на Трамп и очекуваме да продолжиме (со преговорите) во наредните денови“, соопшти индиското министерство.

Соединетите држави беа најголемиот трговски партнер на Индија во 2024 година со трговска размена во вредност од 129 милијарди. Земјите сега поставија амбициозна цел за повеќе од двојно зголемување на нивната трговска размена на 500 милијарди долари до 2030 година. Индиските извозници и аналитичари велат дека новите царини на Трамп имаат мешан ефект врз земјата. Трамп најави одмазднички тарифи од 26 отсто за Индија, во споредба со тарифите од 46 отсто за Кина, 46 отсто за Виетнам, 37 отсто за Бангладеш и 36 отсто за Тајланд, 44 отсто за Шри Ланка. Виетнам, Шри Ланка и други земји во Јужна и Југоисточна Азија се цел на некои од највисоките царини.

Набљудувачите велат дека тарифите веројатно ќе влијаат на индиската економија и ќе извршат притисок врз работните места, но дека има простор да влезат нови бизниси бидејќи Индија е со пониска стапка од другите азиски земји.

Виетнамската берза падна денеска бидејќи цените на златото достигнаа рекордно високо ниво откако САД воведоа царина од 46 отсто за виетнамскиот извоз.

Виетнам одамна сфати дека премногу се потпира на САД и почна да ги диверзифицира своите трговски односи со потпишување договори за слободна трговија со повеќе од десетина земји, рече советник во една консултантска фирма. Тој истакна дека лекцијата сега е јасна дека потпирањето на Виетнам на американскиот извозен пазар не е безбедно.

Индустриите за облека и спортска облека и обувки ќе бидат особено погодени, вклучувајќи ги и познатите брендови како Адидас и Најк. Најк ги произведе своите патики и околу една третина од својата облека во Виетнам минатата година, додека фабриките во Виетнам произведоа 39 отсто од патиките на Адидас и околу 18 отсто од нејзината облека.

Виетнамскиот премиер Фам Мин Чин рече дека земјата сè уште се надева дека ќе ја достигне целта за економски раст од најмалку осум отсто и покрај воведувањето на американските царини од 46 отсто за извозот.

Виетнамскиот премиер денеска претседаваше на состанок на владата за да го процени влијанието на тарифите, меѓу највисоките наметнати на која било земја, и рече дека Виетнам се надева дека американската политика ќе биде конзистентна со добрите односи меѓу двете земји. Тој рече дека Виетнам се уште ги надминува последиците од долгата војна меѓу двете земји.

Царините ќе му нанесат тежок удар на Виетнам бидејќи САД се нивниот најголем извозен пазар. Извозот во САД, проценет на 142 милијарди долари во 2021 година, претставува третина од БДП на земјата.

Украина работи на тоа да добие подобри царински услови од САД, изјави украинската министерка за економија Јулија Свириденко на својот X профил. Таа рече дека царините на Украина за американски стоки се „прилично ниски“ и дека Украина увезла повеќе стоки од САД во 2024 година отколку што извезла од земјата.

Таа рече дека царините од 10 отсто наметнати на Украина најмногу ќе ги погодат малите производители. „Украина има многу да им понуди на САД како доверлив сојузник и партнер. И двете земји ќе имаат корист од праведните царини“, напиша таа.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба изјави дека е „за жалење“ што САД воведоа царини од 25 отсто за автомобили од Јапонија и покрај нивниот огромен придонес во американската економија.

Јапонските компании беа најголемите светски инвеститори во САД од 2019 година, особено производителите на автомобили, кои создадоа работни места за милиони Американци, рече Ишиба.

Ишиба рече дека Јапонија ќе продолжи силно да ги повикува САД да ги преиспитаат своите тарифни мерки и дека тој директно ќе преговара со Трамп секогаш кога ќе смета дека е соодветно.

„Ќе го сторам тоа во време и на начин кој најмногу одговараат без двоумење“, рече Ишиба.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека царините се „напад“ на трговскиот систем кој донесе глобален просперитет и дека самата Америка помогнала да се создаде.

Шолц денеска изјави дека целата глобална економија ќе страда од тие одлуки, за кои рече дека не се добро осмислени. Тој додаде дека американската администрација „оди по пат кој ќе заврши само со губитници“.

Тој во Берлин изјави дека тоа претставува „напад врз трговскиот поредок што создаде просперитет низ целиот свет – трговски поредок кој исто така е многу значајно резултат на американските напори“.

Минатата година, САД беа најголемиот трговски партнер на Германија за прв пат од 2015 година, пред Кина.

Германскиот министер за економија и вицеканцелар Роберт Хабек изјави дека овој ден нема да биде „ден на ослободување“, како што Трамп го нарече за американските потрошувачи, туку „ден на инфлација“.

„Американската манија за царини може да поттикне спирала што ќе ги вовлече земјите во рецесија и ќе предизвика огромна штета низ целиот свет“, рече тој.

Хабек рече дека тие отсекогаш се залагале за преговори, а не за конфронтација и тоа останува така и сега и дека е добро што Европската комисија цели на преговарачко решение со САД. Тој оцени дека има уште малку време за тоа, но доколку САД не сакаат решение со преговори, ЕУ ќе даде избалансиран, јасен и со дециден одговор, за што се подготвила.

Меѓу малите островски земји во јужниот дел на Пацификот, неколку се издвојуваат за повисоки царини од основната 10 проценти.

Вицепремиерот на Фиџи Биман Прасад денеска ги критикуваше „несразмерните“ и „нефер“ царини од 32 отсто објавени за извозот на Фиџи во САД.

САД се главен трговски партнер за земјата со 924.000 жители и сочинуваат 10 отсто од нејзиниот вкупен извоз и увоз, изјави денеска Прасад преку социјалните мрежи. Најголемиот извоз на Фиџи во САД е флаширана вода со нивниот најпознат бренд „Fiji Water“, кој е во сопственост на американски конгломерат.

Американската администрација ја оправда повисоката царина за Фиџи со тврдењето дека оваа пацифичка земја применува царини од 63 отсто за американските стоки што влегуваат во неа. Прасад ја отфрли бројката и рече дека Фиџи нема толку високи царини за ниту една земја.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи рече дека нема победници во трговските и царинските војни и дека протекционизмот не е излезот.

„САД треба да ги исправат своите погрешни практики и да ги решат трговските спорови со сите земји, вклучително и Кина, преку консултации засновани на еднаквост, взаемно почитување и взаемна корист“, рече Гу Диакун.

Тој рече дека царините ги прекршуваат прописите на Светската трговска организација и им штетат на заедничките интереси на луѓето од сите земји и дека не помагаат да се решат проблемите на самите Соединетите држави.

„На сите им е јасно дека се повеќе земји се спротивставуваат на едностраните, силеџиски акции на Америка, како што е воведувањето царини“, рече тој.

Израелскиот министер за финансии Везалел Смотрич рече дека неговата канцеларија ја разгледува тарифната наредба на Трамп и ги анализира нејзините импликации врз економијата на земјата, во првата реакција на најавата на Трамп за царини од 17 отсто на увозот од Израел.

Смотрич рече дека разговарал со лидерите во индустријата за новите тарифи и дека денеска ќе се сретне со претставници на Министерството за финансии за да одлучи како да продолжи како одговор.

Министерот за економија на Шпанија, Карлос Куербо, изјави дека за земјата која е четврта по големина во еврозоната е неопходно решение преку преговори со САД, но и дека Шпанија е подготвена да преземе мерки за заштита на своите компании и индустрии.

„Многу е во прашање. Мораме да ги заштитиме многу важните трговски и економски односи што ги имаме меѓу двата најголеми партнери на планетата“, изјави денеска Куербо откако САД објавија царини од 20 отсто за Европската унија.

Британската влада соопшти дека ќе се заложи за договор за слободна трговија со САД наместо да возврати на царините од 10 отсто на Трамп за британските стоки.

Британскиот министер за економија Џонатан Рејнолдс изјави дека му е драго што Велика Британија е во подобра позиција од другите земји, но дека не е задоволен.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека британската влада ќе реагира со ладна и мирна глава на најавата на Трамп за царини од 10 отсто на увозот од Британија.

Стармер им рече на деловните лидери собрани на Даунинг стрит дека е јасно дека ќе има економско влијание, но тој сепак се надева дека ќе ги укине тарифите преку трговскиот договор со Вашингтон.

„Преговорите за Договорот за економски просперитет, кој ги зајакнува нашите постоечки трговски односи, продолжуваат и ќе се бориме за најдобриот договор за Британија. Никој не победува во трговска војна, тоа не е во наш национален интерес“, рече Стармер.

Извршниот директор на Хонда, Тошихиро Мибе, рече дека на јапонскиот производител ќе му треба малку време да ја разгледа состојбата на пазарот и другите фактори за да го одреди правилниот начин да одговори на тарифите на Трамп.

„Брзите промени како оваа се тешки и тешко е брзо да се одговори“, им рече тој на новинарите денеска.

Тајван одговори на тарифите од 32 отсто за неговата високотехнолошка економија, нарекувајќи ги мерките „многу неразумни и се за жалење“.

„Предложената царинска стапка не ја одразува моменталната економска и трговска ситуација меѓу Тајван и САД и е неправедна кон Тајван“, рече владиниот портпарол Ли Хуи-ли во официјалното соопштение.

Извозот на Тајван во САД и соодветниот трговски суфицит значително пораснаа во последниве години, во голема мера одразувајќи ја зголемената побарувачка од американските купувачи за полупроводници и сродни производи, особено производи со вештачка интелигенција, рече Ли.

Тајландската премиерка Шинаватра рече дека нејзината земја е подготвена да преговара со САД за да се најде фер трговски биланс за двете страни, по објавувањето на царините од 36 отсто на Тајланд. Таа додаде дека Тајланд е посветен да работи со САД за да постигне одржлив економски раст.

Таа исто така рече дека тајландските извозници треба да бараат дополнителни пазари за нивните производи за да го намалат ризикот од потпирање само на еден главен пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП