
На петте најдобри студенти кои ќе завршат медицина ќе им биде дадена шанса веднаш да се вработат во здравството кај нас. Новина е и што на Медицински факултет е акредитирана програма на англиски јазик и ќе се започне со запишување на странски студенти, информираа денеска министерот за здравство Арбен Таравари и деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ.
ФОТО: МИА
– Петте најдобри студенти кои завршиле медицина во Скопје, во Штип и во Битола, ќе им дадеме шанса веднаш да се вработат, пред ова да влезе во закон. Се надевам наскоро ќе биде и дел од законот. Оваа година почнуваме со пет, идната година, се надевам, по 10 студенти од сите медицински факултети, изјави Таравари по средбата.
Најави и средба со приватните специјализанти, информирајќи дека приватните специјализации ќе се намалат за 50 отсто оваа година и приоритет ќе им се даде на специјализациите што недостасуваат.
– Пред сѐ, зборувавме за рационализација на специјализанти и специјалисти. Во државава има одредени специјалисти што се многу на број, а има такви кои се многу дефицитарни. Оваа година можеби ќе направиме мораториум на одредени специјализации, рече Таравари.
Предност ќе им се даде на патологија, онкологија, радиологија и анестезиологија, каде има недостиг.
– Покрај рационализацијата на специјализациите, ќе направиме и промена на законот, како се финансираат, за Медицинскиот факултет да не трпи штета. Особено ми е драго дека со заеднички напори конечно петте најдобри студенти ќе ги задржуваме во државата, нагласи деканот Антовиќ.
За големиот одлив на кадар, Антовиќ рече дека тоа е глобален проблем.
– Тоа е европски миграционен проблем. Кога ќе ја погледнете Германија, сигурно не е неразвиена земја. Меѓутоа, од Германија сите доктори, горе – долу, бараат работа во земји што се поразвиени од неа. Со тој проблем тешко ќе се справиме, особено откако се либерализираат политикиве на странските земји за примање на нашите доктори. Но, ние треба да работиме локално, да ги подобриме условите, пред сѐ за вработување на дипломираните студенти. Ние немаме проблем со студентите, не ни заминуваат студентите, ни заминуваат дипломираните доктори. Медицинскиот факултет има мали ингеренции за вработување на тие доктори, но, мислам дека заедно со Министерството за здравство сериозно ќе работиме на тие програми, подвлече Антовиќ