Барање одговорност не е непочит!

18.03.2025 01:08
Барање одговорност не е непочит!

Денеска бев дел од масата луѓе собрани на платото пред УКИМ. За жал, настанот успеа да предизвика болка и гнев и кај мене и кај дел од луѓето околу мене. Еве што се случи: за време на говорот на министерката за образование се појавија извикувања и исвиркувања. Од страна на организаторите, претпоставувам студентското собрание на УКИМ, исвиркувачите беа заќутени, демек покажувале непочит, и беше потенцирано дека овој настан не е протест, туку оддавање помен на починатите.

Реакциите на насобраните луѓе, исвиркувањето и извикувањето, не беа знак на непочитување; напротив, тоа беше извик на тага, болка, бес и барање одговорност. Само преку барање одговорност од сите кои биле и се дел од синџирот на корупција, непотизам, алчност, само така навистина ќе им се оддаде почит на сите кои настрадаа, и ќе се спречи во иднина да се случат слични трагедии. Смртта на овие млади луѓе е резултат на нашето нефункционално општество каде што себичноста, парите и моќта се единствениот двигател, референца за успех, причина за делување.

Од друга страна, нека се засрамат и организаторите и власта што имаа лице да се појават пред микрофон и во вакви моменти на неизмерна болка да држат говор кој не само што не беше соодветен на ситуацијата, туку предизвика револт. Драга министерке и драга власт, ова не е изолиран случај, нас не ни треба организирано групно тагување, нас ни треба виновните да преземат одговорност, синџирите на корупција и криминал да се прекинат, образованието да се базира на етика, емпатија, солидарност, општествена одговорност…. ВИЕ, И ОНИЕ ПРЕД ВАС И ОНИЕ ОКОЛУ ВАС, сте одговорни не само за смртта на овие 59 млади луѓе, туку и за сите што изгореа во болницата во Тетово, за несреќата со автобусот во Бугарија, за прегазените на улиците, за сите кои го дишеме овој загаден воздух... Списокот нема крај.

Изразување тага не е доволно, „инцидентите“ не се изолирани. Сите имаме вина, но некој повеќе, а некој помалку. Со секоја трагедија јас се преиспитувам и се трудам да бидам посовесна, поемпатична и посолидарна граѓанка. ШТО ПРАВИТЕ ВИЕ? Остана ли малку доблест, чесност, одговорност?

Немам доволно сила и ум да го коментирам моментот кога, по крајот на говорите, од страната на Филозофски факултет кон рампата за паркинг, групата луѓе кои си заминуваа од „поменот“ требаше да се потргне за да помине брзата помош. Дел од групата очигледно не ја разбра потребата и продолжи да си оди по патеката како ништо да не се случува, додека брзата помош чекаше да се расчисти патеката. Ако ова е природата на моите сограѓани, срам ми е што сум дел од оваа заедница!