1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во иднина ќе има Германци „од втор ред“?

ВДР
7 април 2025

Во текот на коалициските преговори во Германија се зборува и за тоа дали лицата со двојно државјанство може да бидат денатурализирани. Луѓето со двојно државјанство се шокирани, експертите по уставно право предупредуваат

https://p.dw.com/p/4sMgs
Symbolbild Deutscher Reisepass Einbürgerung
Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Реченица со експлозивна моќ – првично запишана во документ на ЦДУ/ЦСУ и СПД од сондирачките разговори за коалицирање: „Уставно ќе испитаме дали можеме да им го одземеме германското државјанство на поддржувачи на тероризмот, антисемити и екстремисти кои повикуваат на укинување на слободниот и демократски уставен поредок доколку тие имаат и друго државјанство“.

И во резултатите на преговарачката група „Внатрешни работи, право, миграција и интеграција“, кои се од доверлив карактер, а до кои дојде редакцијата на „Монитор“ на телевизијата АРД, исто така покажуваат дека Унијата (ЦДУ-ЦСУ) сака да ја задржи можноста за одземање на германското државјанство. И покрај отпорот од СПД, Унијата останува цврста во тоа барање. Тоа е едно од предизборните ветувања на Фридрих Мерц (ЦДУ) и Маркус Зедер (ЦСУ).

Германци од втор ред?

Планот веќе сега создава голема неизвесност кај лицата со двојно државјанство. Билал Шабиб, на пример, има 46 години, татко е на четири деца и работи како развивач на софтвер. Тој е роден и израснат во Германија. Како син на сириски родители, тој официјално има двојно државјанство, иако никогаш не бил во Сирија. Билал Шабиб е многу загрижен што во коалициските преговори сега се разговара дали на луѓе како него може да им се одземе германското државјанство. Иако никогаш не направил кривично дело, тој се чувствува деградиран како Германец од втор ред. „Јас сум Германец, но сега се чувствувам како тоа да не е толку сигурно како што мислев“, вели Шабиб.

Дебатата покажува до каде е поместен дискурсот во Германија, вели за „Монитор“ социологот и криминолог Џина Волингер од Универзитетот за полиција и јавна администрација во Келн. Се добива впечаток „дека германското државјанство на луѓето со двојно државјанство не вреди толку, дека има некои што се помалку Германци од другите“.

Според неа, со поставувањето на наводна врска помеѓу внатрешната безбедност и правото на државјанство, партиите кои преговараат за коалиција испратија фатална порака до луѓето со двојно државјанство.

Германија пасош
Во Германија околу 5,8 милиони луѓе имаат двојно државјанствоФотографија: Ulrich Zillmann/FotoMedienService/picture alliance

Уставот забранува лишување од државјанство

Има и уставни задршки, бидејќи член 16 од Уставот забранува одземање на државјанството. На тој начин татковците и мајките на Уставот сакаат да обезбедат законот за државјанство никогаш веќе да не биде злоупотребен како политичко средство и луѓето да не можат да бидат лишени од нивните граѓански права врз основа на нивното потекло, политички ставови или религија. Националсоцијалистите систематски им одземаа државјанство на Евреите, но и на критичарите на режимот.

Меѓутоа, луѓето и сега можат да го изгубат германското државјанство доколку тоа не ги остава без никакво државјанство. Тоа е случај кога доброволно се борат за некоја терористичка организација или за вооружени сили на друга држава. Во исто време, одлуката за државјанство досега може да се отповика во рок од десет години ако лицето во процесот на натурализација „мамело“.

Право на државјанство со раѓање во Германија

Пандорина кутија

Меѓутоа, сегашните планови од коалициските преговори помеѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД одат многу подалеку од ова и би значеле отстапување од идејата на Уставот, критикува Томас Грос, експерт по право и професор на Универзитетот Оснабрик.

Ако некој сака да го искористи државјанството за борба против екстремизмот и тероризмот, тоа би ја „отворило Пандорината кутија“, вели Грос во интервју за „Монитор“. Затоа што оваа можност би можела „по некои следни избори да се искористи од десничарските екстремистички сили за сосема други цели и дополнително да се прошири“. Според Грос, во јавноста се добива впечаток како да е целосно непроблематично да се одземе државјанството на одредени непожелни групи.

Ниту документот од сондирачките разговори ниту документот на преговарачката група за миграција не ги дефинираат јасно термините „екстремизам“, „антисемитизам“ или „поддршка на тероризмот“. Тоа, според Грос, е сериозен проблем: „Нема јасно дефинирани прекршоци, а определување на граница со слободата на изразување е многу тешка“.

Германија пасош
Во јавноста се добива впечаток како да е целосно непроблематично да се одземе државјанството на одредени непожелни групи, вели експертот по право Томас ГросФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Многу луѓе не можат да се откажат од своето второ државјанство

Во Германија околу 5,8 милиони луѓе имаат двојно државјанство. Точни бројки нема. Многу луѓе во Германија имаат и полско, италијанско или турско државјанство. Во последниве години, зголемен број луѓе од Сирија и Авганистан се исто така натурализирани. Тие припаѓаат на група која не може да се откаже од своето второ државјанство. Исто како и луѓе од Иран, Тунис, Костарика или Малдиви, на пример, пишува Министерството за надворешни работи на својата веб-страница.

Билал Шабиб исто така не може да се откаже од сириското државјанство. Вели дека е длабоко разочаран од дебатата и вжештената атмосфера против луѓето со мигрантско потекло во Германија. Како и многумина во неговиот круг, тој се прашува дали можеби не е подобро за него и за неговото семејство да заминат од Германија: „Јас сум развивач на софтвер, работам на полето на вештачката интелигенција и виртуелната реалност. Можам да работам од секаде. Не мора да живеам во Германија за да го правам тоа“.

Автори: Лиза Земан, Херберт Кордес и Луц Поланц, ВДР