ВИДЕО: Србин и Американец влегоа во клинч, обезбедувањето спречи поголем инцидент

Вашингтон Визардс го совлада Сакраменто Кингс со 116-111 во еден од деветте натпревари кои ноќва беа на распоредот во НБА лигата. Натпреварот го одбележа и судирот на двајца кошаркари поради кој мораше да реагира обезбедувањето.

Инцидентот се случи на средината од четвртата четвртина, откако Малик Монк беше фаулиран при една соло акција. Тристан Вукчевиќ непрописно бранеше и Монк, лут на ваквиот потег на противникот, прозбори нешто и го турна со градите, на што српскиот кошаркар не остана имун.

Тој се сврте кон него и му се фрли в лице. Сепак, поголем инцидент беше спречен откако на паркетот влезе обезбедувањето, кое навремено ја расчисти ситуацијата.