Емотивниот Дувњак: Ќе ми пукне срцето... Хрватскиот ракомет има иднина!

Со лимитирана минутажа и улога, ама сепак тука со тимот, на клупата за мотивација и совети. Така може да се опишат овие клучни битки на Светското првенство за Домагој Дувњак во репрезентацијата. По повредата во првата фаза тој не се откажа, напротив тука е со тимот и селекторот го одржува близу до соиграчите. 

По големата победа на Хрватска против фаворизираната Франција (28-31), Дувњак даде емотивна изјава.

„Огромно благодарам до играчите и неверојатната публика. Тоа што го одигравме денес беше совршена дефанзива. Ќе ми пукне срцето... Во шок сум, вака млади момчиња да одиграат толку зрело и паметно. Мило ми е за сите нив. Се надевам дека нема да чекаме долго за нов медал. 

Неверојатно е колку проблеми имавме низ цел турнир, а на крајот никој не се жалеше. Се плашев дека можеби ќе „прегориме“, но сите работат паметно. Делуваат како да имаат години и години искуство, а некои играчи никогаш не играле на вака голема сцена. Хрватскиот ракомет има иднина. Мене ми се сруши светот по повредата со Аргентина. Сепак, му благодарам на селекторот Дагур Сигурдсон што трпи повреден играч на клупата. Можам мирно да одам во пензија. Ова е победа за сите, пресреќен сум. Ќе бидеме подготвени за финалето“, изјави Дувњак.

Хрватите го чекаат својот ривал во мечот за златниот медал од денешниот дуел меѓу Данска и Португалија.

ФОТО/PHOTO: Sanjin Strukic/PIXSELL