Мустафа Имери е нов директор на Филхармонија: Синдикатот обвинува за партиско решение, министерот негира

Изборот на директорот на Филхармонија е незаконски и е врз база на меѓупартиски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Вака реагираа денеска од Синдикатот на Македонска филхармонија за изборот на новиот директор, Мустафа Имери.

Од Синдикатот велат дека  нема да дозволат институцијата да биде жртва на, како што рече, трулиот државен систем. Најавија и дека ќе бараат кривична одговорност од Министерот за култура Зоран Љутков.

- Љутков денеска донесе политичка наместо правно издржана одлука. Тој го назначи за директор кандидатот кој на конкурсот не ги достави сите потребни документи и со тоа ги прекрши условите припишани во Законот за култура и во самиот конкурс. Нашето барање беше конкурсот да се спроведе на законски и транспарентен начин. Нам не ни е важна етничката припадност туку капацитетот и способноста на директорот. Ќе побараме кривична одговорност за министерот Љутков кој наместо да ги почитува законите реши да тера меѓупартиски договор, велат од Синдикатот на Македонска филхармонија.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков за Телевизија 24 рече дека изборот на новиот директор е законски. Според него, дали има кривична одговорност или не за изборот на директор на Филхармонија, ќе треба да решат други институции.

„Јас го спроведов конкурсот на најлегитимен и најзаконски начин и врз основа на извештајот кој ми го даде комисијата, ми дадоа насока дека двајца од пет кандидати ги исполнуваат условите, направив интервјуа, направив записник од интервјуата и јас донесов одлука тоа да биде господинот Мустафа Имери и до овде се е законски. Дали јас ќе имам кривична одговорност за ова или не, тоа е кога ќе поднесат барање за кривична одговорност па веројатно ќе го решиме тоа и по други институции“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Инаку, Мустафа Имери бил професор-тенор и 15 години раководител на Катедрата на албански јазик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Завршил на ФМУ во Скопје, и е дипломиран соло-пејач. 

Синдикатот на Македонска филхармонија на почеток на месец март одржа и протест пред Министерството за култура од каде побараа законски избор на нов директор на институцијата.