ДУИ: 21 ден по трагедијата во Кочани – нема објавени снимки, нема одговорност

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека 21 ден по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 60 млади луѓе, институциите молчат, а вистината сè уште се крие. Во соопштение до јавноста, од партијата предупредуваат дека недостигот на информации и непостапувањето на надлежните органи ја продлабочува болката на семејствата и целата јавност.

„Што се случи со видео надзорот? Знаеме дека серверите преживеале. Дали е точно дека снимките прикажуваат прослави со локални полициски службеници само неколку дена пред трагедијата? Дали тие биле присутни и во самиот ден на настанот? Кој ги чува тие снимки, кој ги сокрива и зошто досега не се објавени?“, прашуваат од ДУИ.

Партијата упати и прашања до Комората на компании за обезбедување, барајќи одговор дали агенцијата „Рубикон“, која го обезбедувала локалот, воопшто поседува лиценца и дали нејзините вработени биле соодветно лиценцирани.

ДУИ го поставува и прашањето за молкот на полицијата: „Целата локална полициска вертикала, од станицата до министерот, знаеле дека локалот работи без лиценца, дека се користат пиротехнички средства и наркотици. И сите молчеле. Денес, 21 ден подоцна, никој не понесе ниту морална, ниту правна одговорност.“

Во заклучок, партијата порачува: „Ова молчење не е само институционален срам – ова е соучесништво. И нема да дозволиме вистината да се скрие, а одговорноста да се избегне.“

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното