Царините и одбраната се засебни работи, вели челникот на НАТО

Трговските спорови меѓу членките на НАТО и тарифите наметнати од Соединетите држави не се кршење на Северноатлантскиот договор и овие работи треба да се разгледуваат одделно, изјави во петокот генералниот секретар на Алијансата Марк Руте.

„Мислам дека ова се две различни работи, треба да ги држиме одвоени и да не ги мешаме во нашите дискусии“, рече Руте по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

Руте додаде дека најавените американски царини не се во спротивност со Северноатлантскиот договор.

„И порано имаше бројни различни погледи, царински спорови и дури ниту тогаш немаше прекршување на членот 2 од Северноатлантскиот договор“, рече Руте.

Членот 2 од договорот за основање на НАТО предвидува дека земјите-членки „во нивните меѓународни економски политики ќе се стремат кон решавање на споровите и унапредување на економската соработка“.

Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО се одржа во сенка на одлуката на американската администрација да воведе царини за увоз од целиот свет, вклучително и од сојузничките земји.

Главни теми на средбата биле подготовката за претстојниот самит на Алијансата на крајот на јуни во Хаг, зголемувањето на трошоците за одбраната, на што инсистираат САД и продолжување на поддршката за Украина на што инсистираат мнозинството европски членки.

На средбата првпат учествуваше новиот американски државен секретар Марко Рубио.

На последната прес-конференција, генералниот секретар на НАТО Марке Руте ги потврди претходните одлуки на Алијансата дека Украина е „на неповратен пат кон НАТО“, но дека никогаш не било ветено дека членството во НАТО ќе биде дел од мировниот договор со Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги иницираше разговорите со Русија и Украина за прекин на огнот, на самиот почеток изјави, пак, дека членството на Украина во НАТО е исклучено.

На прашањето дали треба да се постави краен рок кога Русија треба да одговори на предлогот за прекин на огнот, Руте рече дека „топката сега е на теренот на Русија“.

„Американската администрација и претседателот Трамп ги започнаа работите од мртва точка, започнаа разговори. Сега топката е на теренот на Русија“, тврдеше Руте, додавајќи дека не сака да се меша во тие разговори избегнувајќи така да се осврне на условите што ги поставува Москва.

Рече и дека е „импресиониран“ од начинот на кој Американците ги водат овие разговори и тоа што редовно ги информираат Украинците и европските сојузници за тоа што го прават.