Почина српскиот уметник Раша Тодосијевиќ

04.12.2024 12:58
Почина српскиот уметник Раша Тодосијевиќ

Вчера, на 3 декември, во Белград, почина српскиот уметник Драгољуб Раша Тодосијевиќ, „еден од клучните протагонисти на концептуалната уметност во доцните шеесетти и раните седумдесетти години и една од најзначајните уметнички фигури на нашето време”, се вели во соопштението на Музејот на современа уметност во Белград.

Тодосијевиќ придонесе за афирмација на новата уметничка практика во Србија и некогашна Југославија.

Во текот на седумдесеттите години, тој припаѓаше на неформалната група составена од шест уметници собрани околу Студентскиот културен центар. Заедно со Марина Абрамовиќ, Еро Миливојевиќ, Зоран Поповиќ, Неша Париповиќ и Геро Урком ја редефинираше функцијата, потребата и целта на уметноста, како и нејзината форма и материјалност.

Во своите дела составени од акција, перформанси, инсталации, слики и текстови, Тодосијевиќ развиваше радикален политички дискурс. Една од неговите изјави: „Начинот на кој уметникот поставува прашање за уметноста претставува уметничко дело“, ја потврдува посебноста на неговата уметност.

Критичките интервенции, односно постојаното преиспитување, аналитичноста, директната политизација според Тодосијевиќ, се начинот и целта на делувањето во уметноста. Во своите дела, авторот уште од првите акции и перформанси, покрај предмети, користеше и зборови, односно поими и звучност на непосредниот говорен јазик.

Употребата на јазикот, во говорна или писмена форма, во некои од делата на Тодосијевиќ има исклучително широка симболичка улога.

Преку својата уметничка пракса, Тодосијевиќ реализираше цртежи, слики, графики, колажи, скулптури, објекти, инсталации, перформанси, видео записи, плакати, програмски текстови и приказни, па и групни изложби („Уметност, иронија, итн“ до „Приватно-јавно“).

„Was ist Kunst, Marinela Koželj?“ (1978) е наслов на серијата пeрформанси и видео-перформанси на Раша Тодосијевиќ одржани во периодот од 1976 до 1981 година во различни поставки, ситуации и места.

„Was ist Kunst, Marinela Koželj?“ (1978) претставува симболично дело на авторот и секако еден од неговите најизведувани перформанси воопшто, може да се каже и едно од најзначајните дела во српската уметност на дваесеттиот век.

Веќе добро познатите инсталации, „примероци“ како што се „Gott Liebt die Serben“ (Бог ги сака Србите) или „Schlafflage“ (Заспаното знаме) претставуваат синтагми и придонесуваат за инверзија на значењето на големите митски (национални) слогани.

Во една прилика, Тодосијевиќ изјавува: „Ако морам да се опишам себеси, што е една навистина неблагодарна задача, би рекол дека пред сѐ јас сум европски уметник чија работа се состои од макотрпно рударско копање по свеста и потсвеста, но и на совеста на нашата безмилосна цивилизација.“

Тодосијевиќ беше еден од меѓународно најактивните, најизложените и најпочитуваните уметници од Србија. Музејот на современа уметност организираше ретроспектива на уметникот во 2002 година под наслов „Благодарност на Раша Тодосијевиќ“ (куратор Д. Сретеновиќ), а уметникот учествуваше и на бројни домашни и колективни изложби организирани од Музејот.

Тодосијевиќ ја претставуваше Србија на 54. Биенале во Венеција во 2011 година. Неговите дела се наоѓаат во бројни домашни и странски колекции, меѓу другите во „Тејт Модерн“ во Лондон, „Бобур“ во Париз, Музејот на модерна уметност во Стокхолм итн. Добитник е на наградата за животно дело на Октомврискиот салон, наградата „Политика“, наградата на Град Белград, наградата „Сава Шумановиќ“, наградата „Иван Табаковиќ“ и други.

Фото: Горанка Матиќ

Извор: https://www.danas.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото